петок, 29 ноември 2024

Антикорупциска треба да ја гони Владата зашто не ѝ го даде договорот за автопатиштата

Објавено на

часот

Сподели

Од антикорупциската комисија за МКД.мк потврдија дека комисијата на 11 април годинава упатила допис до Владата да ѝ биде даден на увид договорот за изградба на автопатиштата, но досега не добиле никаков одговор оттаму.

„Барањето го испративме на 11 април. Другите документи што ги побаравме од институциите ги добивме, но не и договорот“, велат од ДКСК за МКД.мк.

Антикорупциска може да покрене постапка, Владата може да се жали

Според Законот за спречување корупција и судир на интереси на барање на комисијата, Владата има рок од две недели да ѝ ги достави сите документи што антикорупциската комисија ќе ги побара на увид.

Заради целосно утврдување на фактичката состојба, државната комисија може да побара податоци и информации од надлежни институции, правни и физички лица. Одговорното лице во надлежната институција или од него овластено лице ги презема сите мерки и активности за доставување на бараните информации и истите ги доставува најдоцна во рок од 15 дена од денот на добивањето на барањето од страна на ДКСК. Во случај на непостапување по барањето од страна на надлежната институција во утврдениот рок, ДКСК поведува прекршочна постапка “, пишува во законот.

Ако не биде испочитувано ова правило тогаш Владата може да биде парично казнета.

Глоба во износ од 200 до 400 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на одговорното лице во надлежната институција или на од него овластено лице кое нема да ги преземе сите мерки и активности за доставување на бараните информации од стана на државната комисија и истите нема да ги достави до комисијата најдоцна во рок од 15 дена од денот на добивањето на барањето“, пишува во Законот за спречување корупција и судир на интереси.

Ако биде казнета, Владата има право да се жали по изречената казна согласно со Законот за прекршоци.

Антикорупциската комисија на 9 март годинава отвори предмет за надзорот на изградбата на автопатиштата кој преку тендер од 22 милиони евра го доби компанијата ИРД, а како подизведувачи се избрани уште три други фирми.

Пратениците уште чекаат, обвинителството се изначека

Веднаш штом ќе има известување од Собранието владини претставници ќе го презентираат договорот со „Бехтел и Енка“ пред пратениците кои поседуваат безбедносен сертификат, изјави вчера премиерот Димитар Ковачевски.

Одговарајќи на новинарски прашања Ковачевски рече дека по барањето што го доставија пратениците го известил претседателот на Собранието дека владиниот тим е подготвен веднаш да го презентира договорот пред собраниското тело што ќе биде определено.

Дел од пратениците испратија писмо до Владата да се запознаат со договорот, јас веќе одговорив до претседателот на Собранието, не знам дали го има примено во неговата архива бидејќи беше на службен пат. Го информирав веднаш исто како што пишуваше и во соопштението дека тимот на Владата е подготвен на комисија или на тело што ќе го определи Собранието веднаш да отиде и да го презентира договорот пред сите пратениците кои поседуваат безбедносен сертификат. Кога ќе кажат од Собранието, подготвени се веднаш да отидат бидејќи сепак на владините претставници треба да им се каже во која комисија треба да одат, изјави Ковачевски.

Договорот со Бехтел и Енка за изградба на Коридорите 8 и 10Д нема да биде поединечно доставен до пратениците со безбедносен сертификат, туку претставници на Владата на затворена седница на некоја од собраниските Комисии ќе го донесат пред пратениците и тие тогаш прв пат ќе можат да се запознаат со него, кажа денеска претседателот на Собранието, Талат Џафери на редовната средба со медиумите.  

Џафери не прецизираше на која точно собраниска комисија би се разгледувал договорот.

„Од Владата ме информираа дека се подготвени да го презентираат Договорот, па согласно тоа дека се работи за класифицирани податоци и седницата на Комисијата да биде затворена. Уште се координираме на која Комисија и кога. Координаторите се известени“, рече Џафери.

Тој кажа дека лично не би сакал да го разгледува контроверзниот договор за изградба на автопатиштата.

На 19 април годинава девет пратеници кои поседуваат безбедносен сертификат испратија допис до премиерот Ковачевски со кој бараат во најкус можен рок да им биде даден на увид договорот за изградба на автопатиштата.  

Иако го бара ниту Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) не го видело договорот со Бехтел и Енка. ОЈО ГОКК на 28 март годинава оформи предмет по допрен глас за надзорот на изградбата на автопатиштата, кои се дел од коридорите 8 и 10 д.

„ОЈО ГОКК, следејќи ги информациите по медиумите поврзани со изградбата на автопатиштата, со цел да ги провери наводите што се изнесуваат во јавноста, отвори предмет по допрен глас. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, кој презема дејствија и ќе изврши проверки, по што ќе донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката“, информираа тогаш од ОЈО ГОКК.

Но еден месец подоцна од Владата нема абер кога ќе го достават договорот до обвинителството.

Надлежниот јавен обвинител кој постапува во предметот за кој покажувате интерес, уште од неговото оформување веднаш испрати барање за доставување на податоци и на договорот до Јавното претпријатие „Државни патишта“, но до овој момент до обвинителството не е доставен одговор од нивна страна“, велат од обвинителството за МКД.мк.

Испративме прашања и до Владата и до ЈП „Државни патишта“ за тоа дали и кога ги добиле барањата од ДКСК и од обвинителството.

На 8 март годинава владата го потпиша договорот за изградба на автопатиштата од коридорите 8 и 10д со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

Според Владата, проектот за изградба на коридорите 8 и 10д ќе чини 1,3 милијарди евра и дополнителни 300 милиони евра за експропријација на земјиштето. Тој опфаќа изградба на речиси 110 километри автопатишта или четири делници, Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани, Требениште-Струга-Ќафасан и Прилеп-Битола. Според договорот, комплетната изградба треба да завриши за четири години и седум месеци.

                                                                                                                                                Искра Опетческа

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ