сабота, 26 октомври 2024

Адвокатите на Асанж: Немаме знаци дека САД размислуваат да ги отфрлат 18-те обвиненија за шпионажа

Владата на Соединетите Американски Држави, наводно, разгледува понуда за спогодба за признавање вина на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, но неговите адвокати во соопштение рекоа дека не виделе „никакви знаци“ дека Вашингтон станува попустлив кон Асанж.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според напис на Волстрит џурнал, американското Министерство за правда размислува дали да му дозволи на Џулијан Асанж да се изјасни за виновен по скратено обвинение за погрешно ракување со доверливи информации, според луѓе запознаени со ова прашање, што ја отвора можноста за договор што на крај може да резултира со негово ослободување од британски затвор.

Во написот се тврди дека планот што се разгледува би бил отфрлање на сегашните 18 обвиненија според Законот за шпионажа, под услов Асанж да се изјасни за виновен за погрешно ракување со доверливи документи.

Во написот понатаму се тврди дека Асанж веќе поминал пет години во притвор во Велика Британија. Асанж, тврди Волстрит џурнал, најверојатно наскоро ќе биде ослободен доколку договорот биде склопен.

Правниот тим на Асанж вели дека не знае за овој развој на настаните.

Еден од бранителите на Асанж, Бери Полак, во соопштение рече: „Несоодветно е адвокатите на Асанж да коментираат додека неговиот случај е пред високиот суд во Обединетото Кралство, освен да кажеме дека не сме добиле никакви знаци дека Министерството за правда има намера да реши случајот, а Соединетите Држави продолжуваат со иста одлучност како и секогаш да бараат негова екстрадиција по сите 18 обвиненија, изложувајќи го на 175 години затвор“.

Судот во Лондон во наредните недели ќе одлучи дали ќе му даде дополнително право на Асанж да се жали на неговата екстрадиција. Тој се наоѓа во високообезбедениот затвор Белмарш.

Беше објавено дека тој е премногу болен за да оди во Кралскиот суд на правдата за да присуствува на последното рочиште минатиот месец.

Доколку двајцата судии пресудат против Асанж, нему во Британија ќе му бидат исцрпени сите можности да ја оспори екстрадицијата, а единствената отворена патека ќе му биде Европскиот суд за човекови права.

Тој суд би можел потенцијално да ѝ наложи на Британија да не ја изврши екстрадицијата додека судот не го разгледа случајот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ