сабота, 27 јули 2024

Асанж би можел да биде ослободен и да избегне екстрадиција

Основачот на Викиликс Џулијан Асанж можеби нема да биде екстрадиран во САД, пишува Волстрит џурнал, повикувајќи се на извори во американското Министерство за правда кои наведуваат дека Вашингтон ја разгледува можноста Асанж да се изјасни за виновен за помало кривично дело.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Американското Министерство наводно размислува да му дозволи на Асанж да се изјасни за виновен за лошо постапување со доверливи информации, што може да резултира со негово ослободување од британскиот затвор и да избегне екстрадиција, пишува американскиот весник.

САД бараат екстрадиција на Асанж поради објавување тајни воени досиеја во 2010 и 2011 година, а Врховниот суд на ОК одлучи дека Асанж треба да биде екстрадиран, отфрлајќи ги тврдењата дека може да изврши самоубиство во американски затвор поради лошото ментално здравје.

Во 2010 година, порталот на Асанж Викиликс објави видео од американската војска, на кое се гледа како во напад на хеликоптери Апачи во Багдад во 2007 година се убиени десетици луѓе, меѓу кои и двајца новинари на Ројтерс.

Потоа, Викиликс објави илјадници тајни доверливи документи и дипломатски извештаи во кои САД ги критикуваат светски лидери, од рускиот претседател Владимир Путин до членовите на саудиското кралско семејство.

Асанж во САД е обвинет за шпионажа по 17 точки, а доколку биде прогласен за виновен, според неговите адвокати, може да се соочи со казна затвор до 175 години.

Американските обвинители, сепак, тврдат дека казната нема да надмине 63 месеци.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ