Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во последното деноноќие имало вкупно 2.175 повици на бројот за итни случаи 112, од кои „реални“ биле 38,34 отсто, а 61,66 процент се однесувале на други потреби на граѓаните што не биле итни.
Од реалните повици, како што наведува ЦУК, кон полицијата биле упатени 71,86 отсто, кон итната медицинска помош 21,67, кон пожарникарите 4,18, а кон АМСМ 0,38 отсто.
Регионалниот ЦУК – Тетово известил дека на 112 жител на село Форино вчера доцна попладне пријавил дека мечка му дошла на имотот кај шталата, како и дека се движела околу шталата во моментот на пријавување. Веднаш била известена Полициската станица – Гостивар чија екипа излегла на местото на настанот. Случајот бил внимателно истражен по што е известено дека животното нема направено штета во шталата и на оградата околу куќата, но видно забележани биле траги од мечката.
ЦУК воедно апелира да се одржуваат и чистат локалните канали за одводнување и да не се фрлаат отпадоци во нив со оглед дека според најавите на УХМР, во наредниот неколкудневен период на повеќе места времето ќе биде нестабилно со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни и поројни проследени со грмежи.
„Во последното деноноќие имаше евидентирано само еден пожар на отворено. Конкретно, Регионалниот ЦУК Скопје извести дека пожарникарите од БППЗ на Град Скопје од 17:20 до 18:05 часот, со три пожарникари и едно противпожарно возило гаснеле запалена трска на површина од 2.000 метри квадратни во атарот на село Кадино, Општина Илинден“, наведува ЦУК.
ЦУК потсетува дека сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека потребно и е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.