петок, 13 декември 2024

Три дена пред изборите Харис и Трамп по четврти пат во ист ден во иста држава

Во последниот викенд пред претседателските избори во САД, демократката Камала Харис и републиканецот Доналд Трамп ќе се обидат да добијат што е можно поголема поддршка од гласачите во Северна Каролина, една од клучните држави за исходот на изборите.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Ова ќе биде четврти ден по ред како потпретседателката Харис и поранешниот претседател Трамп ја посетуваат истата држава во ист ден, истакнувајќи ја важноста на седумте клучни држави кои најверојатно ќе го одлучат исходот од изборите. Анкетите покажуваат дека ова е досега најнеизвесната претседателска трка.

Околу 70 милиони Американци досега ја искористиле можноста за предвремено гласање, што е помалку отколку во 2020 година, кога се одржаа изборите за време на пандемијата на ковид-19.

Сабота е последниот ден од предвременото гласање во Северна Каролина, каде што досега гласале 1,8 милиони гласачи.

Харис планира собир со рок ѕвездата Џон Бон Џови во Шарлот, најголемиот град во Северна Каролина, која со државата Џорџија ја дели втората најголема награда меѓу „превртливите“ држави, со 16 електори. Кандидатот кој ќе освои 270 електори, апсолутно мнозинство од 538, станува претседател.

„Имаме можност на овие избори да ја свртиме страницата и да ја завршиме ерата на Доналд Трамп кој целото време го потроши за Американците да посочуваат со прст еден кон друг“, рече Харис во петокот во Висконсин.

Северна Каролина го поддржа Трамп во 2020 година, но истиот ден избра демократски гувернер.

Трамп ќе одржи собир дента во сабота во Гастонија, западно од Шарлот, а вечерта ќе зборува во арената Гринсборо со 22.000 седишта.

„На овие избори ќе треба да избереме меѓу уште четири години колосална неспособност и неуспех или почеток на највеличествениот четиригодишен период во историјата на нашата земја“, им рече Трамп на приврзаниците во Мичиген.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ