четврток, 12 декември 2024

Мицкоски и Меџити реплицираа на предизвикот на Али Ахмети за предвремени избори со пораки за одговорност и долгогодишно опозиционерство

Премиерот Христијан Мицкоски денеска им порача на ДУИ да се подготват за одговорност, а за избори кога ќе дојде време ќе се подготвуваме. Пораката од премиерот Мицкоски беше по барање од новинарите за коментар на изјавите на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, дека е подготвен за предвремени парламентарни избори заедно со локалните во октомври, идната година.

Објавено на

часот

Сподели

„ Јас разбирам дека раководството на ДУИ не сака да биде во опозиција, исплашени дека конечно ја чувствуваат и тие одлучноста на Владата за борба против криминалот и корупцијата. Знаат сè што имаат правено во изминатите 20 години, свесни се и знаат дека полека но сигурно доаѓа денот кога ќе треба да  бидат одговорни.  Затоа, како резултат на тој страв, тие би рекол непринципиелно се храбрат и мислат дека на тој начин ќе магнетизираат повеќе гласачи“, изјави премиерот Мицкоски по извршениот надзор во работата на патниот правец Прилеп-Битола, што е дел од Коридорот 10д.

Мицкоски нагласи дека актуелната влада има четиригодишен мандат, а повеќе од 600 илјади граѓани пред речиси шест месеци застана зад оваа Влада и коалиција. Приоритетот на оваа Влада, „е да го испорачаме тоа што граѓаните го очекуваат од нас“, истакна премиерот.

„ Тоа е борбата против криминалот и корупцијата, реформите, напорна работа, проекти… Тоа е она што ние го ветивме и тоа е она што во овие четири години планираме да го испорачаме“, рече премиерот Мицкоски.

Тој додаде дека она што го кажал за време на пратничките прашања во Собранието, било со цел да излезат на површина, „сите лажни лица што ги има во опозицијата“.

„ Меѓусебе се храбрат, а кога ќе дојде работата да се испорача таа храброст, некако кукавички се затскриваат и јавноста беше свесна за одговорот што дојде од СДСМ, дека тие практично како политичка партија се научени само да импровизираат, а не да испорачаат нешто што е важно за граѓаните“, вели Мицкоски.

Претходно, на барањето на лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, заедно со локалните избори наредната година да се одржат и парламентарни, одговори и заменик-претседател на Владата, Изет Меџити.

Според Меџити, ДУИ треба да се подготви да биде уште долго време во опозиција.

„Наместо да се претставува како некој голем фактор на политичката сцена, ДУИ би било подобро да се врати на внатрешните реформи и да ги исчисти своите редови од организираниот криминал и корупцијата.

Пред да закажува мегдани, ДУИ би било добро да му одговори на јавноста:

-Kаква понуда содржат СМС-пораките што му ги испратиле на премиерот Мицкоски во времето кога се преговараше за новата влада?!
-Kаква понуда ставија на маса во соба 161 во Парламентот емисарите на Европскиот фронт додека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ преговараа за новиот владин кабинет?!
-Дали е точно дека само две министерства и дека претседателот на парламентот не беше понудата на ДУИ за ВМРО само за да бидат повторно во Владата?!

Ова се прашањата на кои јавноста очекува одговори од ДУИ. Поттикнувачката реторика и фолклорот се сценарио веќе познато и прочитано од сите. Сѐ што донела таа реторика е зајакнување на екстремизмот и етно-националистичкиот сентимент изразен преку гласот. Затоа сте смешни и ништо повеќе“, напиша Меџити.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ