вторник, 19 ноември 2024

Зошто е важен Демачи, а не Старова? По трагата на иницијативата за преименување на улици во Чаир

Објавено на

часот

Сподели

                                                                                  Фото: Проглас од Општина Чаир

Улицата Втора македонска ударна бригада во Чаир, како што објави МКД.мк пред два дена, денеска ќе биде преименувана во улица Адем Демачи. Општината раководена од „огнениот“ Висар Ганиу како многу голем и значаен го најавува овој настан за кој специјален гостин им е косовскиот премиер Аљбин Курти. Никој од дел од „огнените“ фракционери кои задутре ќе прогласат нова партија, Демократско движење, официјално не соопштија дека всушнот не пуштаат во употреба нова улица, туку преименуваат улица која го носи името на славната Втора македонска бригада која за Македонија, како и во борбите за поразување и бркање на фашистичките војски во Југославија, од 480 партизани загубила 300 борци. МКД.мк завчера објави дека станува збор токму за преименување на улица врз основа на предлог даден од чаирската општина, а одобрен во Советот на Град Скопје во март 2021 година. Тогаш градоначалник на Чаир беше сега „огнениот“ Изет Меџити, а тогаш значајна личност во врвот на ДУИ. Утрово пак, со акција на Црвена младина на Левица  на читање на чаирчани (и на општинарите) им беа поставени имињата на секој од тие 300 загинати партизани.

Ќе ги гризе ли совеста?

д

                                                                                        Изет Меџити и Висар Ганиу

Дали Адем Демачи е личност од такво значење за да го заемни името на славната бригада и нејзиното име да се избрише во Чаир?

Освен што во еден период од својот живот Косовецот Адем Демачи студирал во Скопје, практично таа личност нема ништо допирно со Македонија.

Професорката д-р Катерина Тодороска од Институтот за национална историја, чија научна област на истражување од историјата се Македонско-албанските врски и Македонската историографија се согалсува дека Адем Демачи нема допирни точки со Македонија за да добие посебна чест. Тој може да е важна личност за Косовците, а секако и за косовскиот премиер Аљбин Курти.

„Адем Демачи е албански писател и политичар, кој своето образование го стекнал во Приштина, Скопје и Белград. Во СФРЈ повеќепати бил затворан поради неговите радикални ставови во врска со албанското прашање во Косово и Метохија, поради што се здобил со голем углед сред албанското населние на Косово. Тој бил раководител на политичкото крило на ОВК, учествувал на преговори во Франција каде очекувал дека ќе се дадат гаранции за независноста на Косово, а откако тоа не се случило Демачи поднел оставка од ОВК. Подоцна, политички се активирал во движењето Самоопределување на Албин Курти. Починал во 2018 година во Приштина каде бил погребан со сите почести. Вака гледајќи Демачи нема ништо допирно со Македонија“, вели Тодороска за МКД.мк.

д

                                                                                      Проф.д-р Катерина Тодороска

Таа вели дека е реално да се постави прашањето зошто токму по Демачи заслужува да биде именувана улица и потсетува дека Македонија всушност има свои Албанци кои дале придонес за за државата и народот.

„Треба да се има предвид колку многу албански дејци од Македонија се вградиле со својот труд во нашава држава, а за кои нема ниту иницијатива за соодветно оддолжување со именување на значајна улица или објект. Затоа велам, ваквиот потег да се даде име на улица според Адем Демачи има само една намена. Дневнополитичка. Друго рационално објаснување нема. Доколку сакате да покажете дека некој косовски деец е поважен од вашите, тогаш ваквиот потег е разбирлив. Иницијаторите и реализаторите на оваа идеја не биле дораснати на пример, на ликот и делото на академик Луан Старова, па одбрале име кое во моментов им делува соодветно за одржување на тензиите и споменот на ОВК на Косово и во Македонија“, вели Тодороска.

Притоа, таа нагласува дека со вакви чекори носителите на такви идеи прават само обиди  да се прикажат како фактори на албанската кауза, но всушност предизвикуваат раздор во општеството.

с

                                                    Втора македонска ударна бригада (Фото Википедија)

„Немајќи друг начин да се покажат како поголеми Албанци од учените и ценети Албанци, кои живееле и твореле во Македонија, решиле по кој знае кој пат да глумат ‘заштитници’ на албанската кауза во Македонија. Во таа насока, претпоставувам, е и најавеното присуство на Курти на преименувањето на улицата Втора македонска бригада со име на негов соработник. И доколку улицата беше новопроектирана и новоизградена во интерес на граѓаните кои живеат на неа, именувана со косовски писател и политичар, можеби ќе беше и разбирливо присуството на косовски претставник на чинот на отворањето на улицата, вака сето ова е само фрлање пепел во очите на албанските граѓани и предизвикување на горчина кај останатите граѓани од улицата. А можеби тоа е и целта на ваквиот чин, ако се раководат од римската ‘раздели, па владеј’“, вели проф.д-р Катерина Тодороска.

Инаку, Општина Чаир има список од 66 улици за преименување, а веќе неколку се со нови имиња според албански личности, но и балисти кои всушност се бореле против Македонија, како на пример балистот Сул Хотла кој се борел за обединување на „албанските земји“, а за време на бугарската окупација се борел против партизаните соработувајќи со бугарските фашистички власти. Улицата Лазар Танев беше преименувана во Ушкин Хоти, а Танев беше борец за слобода на Македонија, социјалист, борец за еднаквост на граѓаните и социјална правда, беше првиот скопски градоначалник по ослободувањето на Македонија. Ушкин Хоти пак, животот го посветил на идејата за осамостојување на Косово, односно во прво време за Косово Република, тогаш во рамките на Југославија, но подоцна се залагал и за обединета Албанија (голема Албанија) и се залагал за создавање на вооружени сили. Улица во Чаир доби и првиот претседател на Косово Ибрахим Ругова. Ако денеска за Адем Демачи присуствува Аљбин Курти, на свеченоста во спомен на Ругова беше присутна косовската претседателка Вјоса Османи. Улица доби и првиот албански премиер Исмаил Ќемали заради што името на Благоја Паровиќ, интернационален револуционер и антифашист беше избришано.

                                                                                                                 П.Џамбазоски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ