По повод Светскиот ден за безбедност и здравје при работа – 28 Април, кој е воедно е и Меѓународен ден на сеќавање на работниците што ги загубиле животите поради повреди на работа и професионални болести, здружението денеска организираше симболично засадување 22 дрвца во парк во Ново Лисиче во спомен на загинатите работници во текот на претходната календарска година.
Петар Наумовски, претседател на здружението изјави дека евидентирале 22 загинати на работно место минатата година иако, рече, според податоците на официјалните институции нема загинати.
„Ова нѐ става во високоризични земји. Ако споредиме со европските земји, каде што просекот е околу 2,11 починати на 100 000 работници, кај нас процентот е 3,17. Поттикнати од тоа што официјалните институции не публикуваат извештаи, ние од 2008 го правиме ова во континуитет. И понатаму останува трендот на неевидентирање и неанализирање, едноставно стануваме слепи за минското поле што постои во Македонија, а тоа е работното место“, рече Наумовски.
Додаде дека државата досега не анализирала ниту една несреќа на работното место за да се лоцираат причините за да нема повторување и да се подобри безбедноста, што, рече, самото по себе ја адресира одговорноста кај државните институции, почнувајќи од Министерството за труд и социјална политика како креатор на политиките.
„Вистинскиот лек е дека секоја несреќа може да се превенира. Градежништвото е еден од убијците на македонскиот работник, но земјоделството е број еден убиец. Постојано предочуваме дека огромен број индустрии кај нас ги нема на радарот, како што е транспортот, земјоделството и сите оние, да речам, атипични индустрии кои се во надлежност на други инспекциски надзори… Како држава немаме евиденција за несреќи на работа, несреќи на работа со смртен исход и за професионални заболувања. Тоа се трите постулати што зборуваат дека ние сме потфрлиле во спроведувањето на законската обврска на секој работодавец и на државата да се грижи за своите граѓани“, додаде Наумовски.
Според анализите и формулата на Меѓународната организација на трудот, рече тој, повредите на работниците државава ја чинат 4 проценти од БДП што е околу 400 милиони евра.
Не е охрабрен дека ќе има промена на негативниот тренд со оглед дека се бараат 60 часа работна недела предвидени за изградба на коридорите 8 и 10д. Рече дека станува збор за луѓе, а не за роботи, и дека тоа е спротивно на сите стандарди и конвенции.
Поддршка на здружението дадоа Гоча Александрија, претставник од Меѓународната канцеларија на трудот, и Антон Лепик, претставник од Паневропскиот регионален совет на Меѓународната конфедерација на синдикати. Тој порача дека не смеат да се занемаруваат ризиците на работните места и треба да се идентификуваат за да се намали бројот на несреќи.
„Секој работник има право да оди да работи во здрави и безбедни услови и да се врати дома здрав и безбеден и тоа е основно работничко право“, рече Лепик.
Во однос на иницијативата за прекувремена работа од 60 часови неделно за изградба на патиштата истакна дека е неприфатливо и дека ќе пратат формален протест до Владата.
Соопшти дека според официјалната статистика, над три милиони работници во светот годишно загинуваат на работно место и повеќе од десет милиони работници умираат од професионални болести.
Многу е важно децата од мали нозе да ги учиме за безбедност и здравје при работа затоа што е тоа иднината на државата, од ученици еден ден ќе станат работници и ќе бидат на пазарот на труд, за да можат да бараат безбедни услови при работа, истакна министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
На настанот „БЗР од мали нозе – чекор по чекор, 5 години заедно работиме за БЗР“ организиран од страна на здружението за заштита при работа на општина Битола, здружението за безбедност при работа „28ми април”, Скопје и здружението на инженери за заштита „Тутела’’, Скопје, што се одржа во рамките на Светскиот ден за безбедност и здравје при работа – 28 април, министерката посочи дека со обезбедувањето на добри услови за работа има двојни придобивки.
„Од една страна, компаниите што обезбедуваат здрави и безбедни услови за работа имаат многу попродуктивни работници, а од друга, работникот е среќен и задоволен затоа што работи во безбедни услови за работа и се чувствува сигурен во делот на безбедноста и здравјето во своето работно место“, рече таа.
Тренчевска информираше дека во моментов се работи на новиот предлог на Законот за безбедност и здравје при работа кој што, како што рече, треба да наведе и наставни содржини во процесот на образование за безбедноста и здравјето при работа и закон кој што ќе биде усогласен со сите европски директиви кои што се однесуваат на безбедност и здравје при работа и ќе обезбеди многу поголема заштита на работникот на работното место.
Дејан Ангеловски од здружението на инженери за заштита „Тутела“ истакна дека неофицијалната бројка на работници во земјава кои го загубиле својот живот на работното место изминатата година е 22.
„Сметаме дека со поттикнување на младите, унапредување на нивната свест во делот на безбедност и здравје при работа ќе придонесеме бројот на повреди од година да се намалува“, рече тој.
Во рамките на денешниот настан беа доделени и награди за добри практики за компании како и конкурс за училишни творби, чија тема беше безбедност и здравје при работа.
Според Ангеловски, дел од вината за небезбедна работна средина е во работодавачите, меѓутоа, како што посочи, има вина и во работниците и нивната свест за зачувување на сопственото здравје.
„Не би сакале да посочуваме со прст кој е виновен, меѓутоа сепак сметаме дека генерално, не само државата, треба сите да се заложиме, почнувајќи од најмали нозе, самите институции, медиумите, да дадеме малку поголем акцент на безбедност и здравје при работа и не секогаш кога имаме некој прилог на телевизија, да ја гледаме онаа црна страна, негативна страна, малку треба да дадеме позитивен пристап за луѓето сфатат дека безбедноста е наменета за вработените“, рече тој.