петок, 18 октомври 2024

Зелениот институт работи на решение за повеќе зеленило за поотпорно Скопје

Објавено на

часот

Сподели

Според Лилјана Поповска од Зелен институт, целта на проектот е подобрување на состојбата со зеленилото во градот преку законски измени и други интервенции, со што ќе се спречи појавата на топлински острови, ќе се намали загадувањето со стакленички гасови и ќе се подобри квалитетот на живот во Градот Скопје.

„Ќе се работи во текот на една година, низ серија од четири активности. Во првата активност, експерти од сферата на урбанизмот, шумарството и правото, ќе го анализираат законот за урбано зеленило, неговата примена и ускладеност со законите за урбанистичко планирање и за градење. Втората активност ќе биде анализа на  урбанистички планови, за да се лоцира преку кои пропусти или злоупотреби на закони се врши узурпацијата на зеленилото. Ќе се анализира и зелениот катастар на Скопје, изработен пред повеќе години, но никогаш завршен, а подоцна и целосно заборавен. Ќе се понудат законски решенија со кои ќе се заштити зеленилото и ќе се принудат градежниците да ги почитуваат стандардите и нормативите од законот за урбано зеленило. Третата проектна активност е озеленување на блоковско зеленило според современ хортикултурен план. Четвртата активност се однесува на ЈП Паркови и зеленило, кои се клучни за производство на садници отпорни на климатски промени, за да се постигне поголема успешност и одржливост при садењето и одгледувањето. Целта е да се изработи концепт-визија за обнова и одржливо функционирање на Расадникот и да се пилотира со пластеник-едукативно катче за ученици и студенти“, вели Поповска.

Во сите активности ќе бидат вклучени еколошки граѓански иницијативи и граѓани, кои, заедно со експертите, ќе ги дискутираат законските измени и ќе лобираат за нив, како и за поголема посветеност на институциите за зачувување и надградување на зеленилото во Градот Скопје, велат од Зелениот инситут.

Кирил Ристовски од Флорозон ги нагласува предизвиците со брзата урбанизација и губењето на јавните зелени површини во Скопје. Според Законот за урбано зеленило градот има обврска да обезбеди 25 метри квадратни зеленило по глава на жител, а како контролен механизам и гарантор на оваа цел беше воспоставен зелениот катастар.

„Сепак, пет години од донесувањето на законот, се соочуваме со негово непочитување, а причините се дел поради институционален  отпор, дел поради неусогласеност на овој закон со законите за урбанистичко планирање и за градење. Експерскиот тим ангажиран на овој проект ќе работи на овој проблем и по детална законска анализа ќе понуди кохерентно решение за целосна функционалност на зелениот катастар и негова интеграција во идните процеси на изработка на урбанистички планови“, вели Ристовски.

Според Даниела Димитриевска од Македонското женско лоби, во рамките на овој проект ќе се изведе истражување за согледувањата на жените и мажите во врска со нивната потреба од јавно зеленило и неговото влијание врз нивното физичко и ментално здравје.

„Ова истражување ќе ни даде сознание за постоењето и одржливоста на зеленилото во различни општини и средини, како и за можностите за унапредување на зелените површини, во согласност со препораките на граѓаните“, рече Димитриевска.

Оваа активност е поддржана преку проектот „ГОи во акција за климатските промени“, спроведуван од страна на Еко-свест во партнерство со Македонското здружение на млади правници – МЗПМ и Организацијата за промовирање на природните вредности и луѓе – ЦНВП Македонија. Изразените ставови и мислења се на грантистот и на никој начин не ги одразуваат позициите и ставовите на Еко-свест и на донаторот – Владата на Шведска, нагласуваат од Зелен институт.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ