недела, 10 ноември 2024

Костадинов: Струмица од петок повторно ќе има вода за пиење

По повеќе од две недели откако е загадена водата во водоводниот систем во Струмица и нејзината околина, струмичкиот градоначалник Костадин Костадиновски  е оптимист дека од петок, водата повторно ќе може да се користи за пиење.

Објавено на

часот

Сподели

„Јас сум оптимист дека после две или три последователни анализи на питката вода конечно ќе добиеме решение и од инспекторот од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), со кој имаме добра соработка како институција, и во петок веќе да имаме решение дека водата во Општина Струмица и неколку населени места, која беше забранета по пријава од ‘Комуналец’, ќе може да се користи како питка вода“, изјави денеска градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.

Тој оптимизмот го темели на експертизата која ја работат вработените во ЈПКД „Комуналец“, односно вработените во филтер-станицата.

„Тоа се луѓе на коишто сум им бескрајно благодарен и кои успеваат и таа вода од браната ‘Турија’, за која уште немаме анализи за да знаеме што всушност ‘Водостопанство’ ни има продавано нам, како жители на Општина Струмица, па и на Општина Василево, успеваат да ја преработат до степен на питка вода. Денеска лабараторијата на ‘Комуналец’, којашто морам да потенцирам како одговорен градоначалник не е акредитирана, даде резултат 0,0017 грама на литар вода што е апсолутно дозволиво за пиење“, истакна Костадинов.

Костадинов додаде дека во моментот се вршат дополнителни мерења во секундарната водоводна мрежа за да се проверат вредностите. Тој се надева на добри резултати, а се продолжува и со хиперхлорирањето, што се врши по Правилникот за безбедност на вода за пиење, но и по наредбата од Агенцијата за храна и ветеринарство. Костадинов повика и на продлабочување на соработката со АД „Водостопанство“, посебно со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство како надлежни институции за браната „Турија“.

„Не мора да ни се случи повторно криза за да направиме детална анализа на водата во браната ‘Турија’ за да може да лоцираме од каде се појавува манганот, да видиме која категорија е водата во браната, да видиме дали има физичко оградување на единственото извориште за Општина Струмица и неколку населени места, да видиме дали имаме градби околу браната ‘Турија’ коишто не смеат да бидат таму и што со тие градби и секако дали има потреба Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги презема потребните градежни зафати околу браната со цел да превенираме повторна појава на манган и секако со оградувањето појава на одредени бактерии кои за среќа во филтер станицата која беспрекорно функционира до ден денешен преку озонерите успеваме сите тие да ги неутрализираме“, посочи струмичкиот градоначалник.

Уште еднаш подвлече дека е оптимист дека таков проблем нема да има и повика министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство наместо да излегува на прес конференции да се соочи со реалноста и да се повикаат експертите кои може да направат анализа која ќе ги лоцира можните проблеми во иднина со цел превенирање на такви појави и обезбедување на задрава вода за пиење за граѓаните.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ