Москва денеска ја обвини Украина дека нападот на мостот што ги поврзува Русија и Крим го извршила со помош на Велика Британија и САД, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
Марија Захарова, портпаролка на Министерството, изјави дека „денешниот напад на Кримскиот мост го изврши режимот на Киев“.
„Тој режим е терористички и ги има сите карактеристики на меѓународна организирана криминална група. Одлуките ги носат украинските функционери и војската со директно учество на американските и британските разузнавачки агенции и политичари. САД и Велика Британија управуваат со терористичка државна структура“, рече Захарова, не наведувајќи докази за своите тврдења.
Украинската воена разузнавачка служба денеска соопшти дека поради оштетувањето на мостот на Крим, Русите ќе имаат проблеми со логистиката.
Портпаролот на украинската воена разузнавачка служба (ГУР) Андриј Јусов изјави дека мостот е „излишна зграда“ и дека службата нема да го коментира инцидентот утринава во кој загинаа две лица, а едно дете беше повредено.
По инцидентот сообраќајот беше прекинат на главниот мост што ги поврзува Крим и руската област Краснодар, соопштија утринава руските власти.
Соопштено е и дека во инцидентот е повредена малолетничка, а нејзините родители загинале.