сабота, 2 ноември 2024

Војската во Нигер изврши државен удар, објавија на националната телевизија (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

Претседателските гардисти го држат претседателот на Нигер, Мохамед Базум, во палатата во главниот град Ниамеј, а регионалните лидери организираа брза посредничка мисија за да се обидат да спречат уште едно потенцијално грабање моќ во Западна Африка.

Африканската унија и западноафриканскиот регионален блок ЕКОВАС го осудија, како што го нарекоа, обидот за државен удар, повикувајќи ги бунтовниците да го ослободат Базум и да се вратат во своите касарни.

Соединетите Држави повикаа на ослободување на претседателот, додека Европската Унија, Обединетите нации, Франција и други го осудија бунтот и рекоа дека со загриженост ги следат настаните.

Во телевизиско обраќање во средата, полковникот Амаду Абдрамане, заедно со девет други униформирани војници зад себе, рече: „Ние, одбранбените и безбедносните сили… одлучивме да му ставиме крај на режимот каков што го знаете.“

„Причина за тоа е континуираното влошување на безбедносната состојба и лошата економско-социјална ситуација.“

Тој рече и дека сите институции во државата се суспендирани и дека раководителите на министерствата ќе се грижат за секојдневните работи.

„Се бара од сите надворешни партнерски земји да не се мешаат“, продолжи тој. „Копнените и воздушните граници се затворени додека да се стабилизира ситуацијата.“

Американците: Нашата помош за Нигер зависи од зачувувањето на демократијата во таа земја

Американскиот државен секретар Антони Блинкен го услови продолжувањето на помошта за Нигер со зачувување на демократијата во таа африканска земја, соопшти Стејт департментот.

„Силното економско и безбедносно партнерство меѓу Соединетите Американски Држави и Нигер зависи од зачувувањето на демократијата и почитувањето на владеењето на правото и човековите права“, рекол Блинкен во телефонскиот разговор со претседателот на Нигер Мохамед Базум, кој беше приведен од членовите на претседателската гарда.

Вашингтон „го осудува обидот за насилно преземање на власта и уривање на уставниот поредок“, додаде американскиот државен секретар, се вели во соопштението.

Блинкен, исто така, ја нагласи „силната поддршка“ на Вашингтон за „претседателот Мохамед Базум и демократијата во Нигер“, објави Стејт департментот.

Гутереш: Загрижен сум што претседателот на Нигер е во заробеништво

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш „најостро ја осудува неуставната промена на власта“ во Нигер, изјави неговиот портпарол, откако армијата објави дека го соборила претседателот Мохамед Базум.

Портпаролот на Гутереш, Стефан Дужарик, рече дека генералниот секретар на ОН е „длабоко загрижен“ поради приведувањето на претседателот Базум од страна на членовите на претседателската гарда.

„Генералниот секретар повикува на итен прекин на секоја акција што ги нарушува демократските принципи во Нигер“, додаде Дужарик.

Нигер, чија историја е обележана со државни удари, е еден од последните сојузници на западните земји во регионот Сахел уништен од џихадистичкото насилство и чии две соседни земји, Мали и Буркина Фасо, во кои по пучевите на власт е војската, се свртеа кон други партнери, меѓу кои е и Русија.

Путин сака да го прошири влијанието во Африка

Во соседно Мали, пак, тешко вооружените руски платеници на Вагнер му помагаат на воениот режим во борбата против џихадистичките бунтовници. Така, ситуацијата во Нигер сега станува една од главните теми на Западот поради активноста и нестабилноста на Вагнер во регионот Сахел.

Претседателот Владимир Путин, кој сака да го прошири руското влијание во Африка, денеска ќе ги прими африканските лидери во Санкт Петербург.

Економската заедница на Западна Африка (ЕКОВАС) соопшти дека „најостро го осудува обидот да се преземе власта со сила“ во Нигер.

Во име на ЕКОВАС, претседателот Бенина Патрис Талон, пристигна во главниот град Ниамеј во мировна мисија.

Талон рече дека ќе бидат искористени сите средства, доколку е потребно, за да се врати уставниот поредок во Нигер, но идеално е сѐ да се направи мирно и хармонично.

Претходно во средата, на улиците во Нијамеј излегоа толпа луѓе во знак на поддршка на Базум. Репортерот на Би-би-си, исто така, видел силно вооружени сили лојални на претседателот стационирани околу националното радио и телевизија.

Градот беше главно мирен, иако војниците што го извршија пучот пукаа за да ги разбијат протестите.

Борба против два исламистички бунта

Нигер се бори со два исламистички бунта – едниот на југозапад, кој се појави од Мали во 2015 година, а другиот на југоисток, во кој беа вклучени џихадисти со седиште во североисточна Нигерија.

Милитантните групи поврзани со Ал каеда и Исламска држава се активни во таа африканска земја.

Претседателот Базум, кој беше демократски избран во 2021 година, им е близок сојузник на Франција и другите западни земји.

Нигер доживеа четири државни удари од независноста од Франција во 1960 година, како и голем број обиди за пуч.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ