петок, 29 ноември 2024

Во Франција продолжуваат преговорите за нов премиер, несогласувања во левичарската коалиција

Во Франција денеска продолжуваат преговорите за кандидат за премиер по неодамнешните вонредни парламентарни избори, пренесува весникот Либерасион.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

Социјалистите во неделата ја отфрлија кандидатурата на Игет Бело од француската прекуморска територија Реунион во име на радикалната левичарска партија Непокорена Франција, која сака премиерот да биде од нејзините редови.

Игет Бело рече дека не сака да биде кандидат ако нема договор од сите во коалицијата Нов народен фронт, која ја сочинуваат Непокорена Франција, Социјалистичката партија, Партијата на зелените и Комунистичката партија.

Членовите на таа коалиција денеска ќе се обидат да најдат ново име за кандидат, додека францускиот претседател Емануел Макрон претходно јасно стави до знаење дека не сака премиер од Непокорена Франција, пишува парискиот весник.

Лидерот на социјалистите Оливие Фор рече дека за постигнување консензус ќе биде потребно време, додека членовите на Непокорена Франција го обвинија за блокирање.

Фор рече дека премиерот треба да биде „многу силна личност од граѓанското општество“ и познат на сите. Социјалистичкиот лидер спомна дека тоа може да биде некој од интелектуалните редови на Зелените или синдикатите.

Во медиумите се споменува лидерката на синдикатот Лоран Берге.

Според аналитичарите, Франција „нема култура“ да формира коалициски влади, бидејќи досега партиите го освојуваа мнозинството и самата влада. Во таа земја, левицата и десницата се менуваа на власт со децении до 2017 година, кога на власт дојде Макрон.

Парламентот има 577 пратенички места, а за апсолутно мнозинство потребни се 289 гласа. Левичарската коалиција Нов народен фронт освои меѓу 190 и 195 пратенички места, недоволно за самостојно владеење, додека во таа коалиција има несогласувања за името на кандидатот. На изборите сојузот на Макрон освои 160 места, а екстремната десница 143 места.

Лидерот на радикалната левица Жан-Лук Меланшон не е популарен во општеството, според некои анкети тој е поомразен дури и од лидерката на екстремната десница Марин Лепен, а неговата Непокорена Франција е обвинета дека флертува со антисемитизмот.

Доколку левичарската коалиција не успее да постигне договор или нејзината предложена влада не биде одобрена од парламентот, може да се назначи техничка или експертска влада. Тогаш министрите би биле избрани како експерти во нивните области без политичка определба.

Според уставот на Франција, новиот парламент не може да се распушта два пати во иста година, па следното распуштање, за евентуално повторување на изборите, би можело да биде само на 9 јуни 2025 година.

Макрон го распушти парламентот на 9 јуни по лошите резултати на неговиот сојуз на изборите за Европскиот парламент. Тогаш најмногу гласови доби екстремната десница.

Засега, владата во заминување на премиерот Габриел Атал продолжува да ја води секојдневната работа на Франција, каде на 26 јули почнуваат Олимписките игри.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ