петок, 18 октомври 2024

Величковска: Се надевам дека кризатa е пресвртна точка за ДПМ

Писателката Јулијана Величковска, која на 15 септември минатата година си даде оставка од претседателството на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ), вели дека се надева дека кризата е пресвртна точка по која ДПМ „конечно ќе се реформира и ќе почне да работи во насока на грижа за подобрување на правата и положбата на писателите“.

Објавено на

часот

Сподели

„Мојот став и моите аргументи зошто си дадов оставка од п0ретседателството на ДПМ беа јавно изнесени и писмено, а потем, и усно образложени на состанок на претседателството на ДПМ, уште на 15 септември минатата година. Дека состојбата и угледот на ДПМ се на крајно ниско ниво, беше нешто со што се согласија и другите присутни членови на претседателството, а и самиот претседател. Мојот потег тогаш беше повик или пример што се надевав дека ќе го следат и другите членови, коишто неофицијално, надвор од состаноците го искажуваа своето незадоволство од раководството, но тоа, еве, се случува дури по повеќе од една година, што ценам дека е задоцнета реакција“, вели Величковска за МИА.

Како што посочува, нејзината способност да го предвиди развојот на настаните во тоа време, од членството било оценето како избрзана одлука.

„Мојата способност да го предвидам развојот на настаните, во тоа време од дел од членството беше оценета како избрзана одлука, на што одговорив само со тоа дека времето ќе покаже. А времето е изгубено, и многу штетни нешта ќе можеа да се спречат, а многу убави нешта можеа и да се направат, доколку уште тогаш свикавме собрание и се побараше прегласување, односно, формирање ново раководство на ДПМ“, додаде Величковска.

Сепак, појаснува, се надева дека оваа криза е пресвртна точка по која или ДПМ конечно ќе се реформира и ќе почне да работи во насока на грижа за подобрување на правата и положбата на писателите во општеството, или ДПМ целосно ќе згасне и ќе се роди ново, такво што ќе соодветствува со потребите на денешниот писател во Македонија.

Писателот Христо Петрески денеска поднесе неотповиклива оставка од функцијата претседател на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ). 

Оставката на Петрески доаѓа откако во петокот беше објавено дека седум писатели поднесоа оставки од членство во претседателството на ДПМ. Оставки, како што беше соопштено, поднесоа Зоран Анчевски, Весна Мојсова-Чепишевска, Лилјана Пандева, Влатко Мартиновски, Славчо Ковиловски, Марина  Мијаковска и Александра Јуруковска. Оставка поднесе и писателот Бранко Цветковски. Тие не ги соопштија причините за оставките.

Според статутот на ДПМ, претседателката на Собранието на друштвото, Кристина Николовска треба да свика нова седница за распишување на избори за избор на нов претседател на ДПМ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ