Кнесетот синоќа усвои два закони – едниот забранува дејствување на УНРВА во Израел, а вториот на израелските власти им забранува каков било контакт со УНРВА, со што е поништен договорот од 1967 година кој овозможува УНРВА да им пружа помош на палестинските бегалци во областите под израелска окупација.
Се стравува дека овој потег сериозно ќе ја ограничи Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа со палестинските бегалци (УНРВА) и нејзиното дејствување во палестинските територии под израелска окупација.
По донесувањето на првиот закон Боаз Бисмут, член на партијата Ликуд на Бенјамин Нетанјаху и творец на предлогот, изјави: „Секој кој се однесува како терорист нема права во Израел. УНРВА е еднаква на Хамас, точка“.
Одлуката е донесена и покрај силното противење на арапските членови на Кнесетот и големиот западен притисок.
Неколку држави, вклучувајќи ги Соединетите Американски Држави, изразија длабока загриженост поради контроверзната забрана која може да влијае на образованието, исхраната, здравствената грижа и егзистенцијата на милиони Палестинци кои зависат од Агенцијата.
Пред гласањето американскиот Стејт департмент го повика Израел да не го усвојува законот истакнувајќи дека УНРВА во моментов има „незаменлива улога во Газа“. Шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен претходно го предупреди Израел дека усвојувањето на законот „може да има последици според американските закони и политиката на САД“.
Израел веќе долго време се обидува да го укине тело на ОН тврдејќи дека дел од неговите вработени се поврзани со Хамас и дека школите на УНРВА промовираат омраза кон Израел. УНРВА повеќе пати ги отфрли обвинувањата наведувајќи дека „апсолутно нема основи за генерализација дека „институцијата е целосно инфилтрирана““.
УНРВА е формирана од Обединетите нации една година по создавањето на Израел во 1948, што предизвика раселување на милиони Палестинци од нивните огништа.