среда, 6 ноември 2024

Претседателката на Грузија ја обвини Русија за мешање во изборите, побара од Западот да ги поддржи протестите

Претседателката на Грузија Саломе Зурабишвили го повика Западот да ги поддржи протестите на опозицијата против официјалните резултати на парламентарните избори одржани викендов, на кои победи владејачката партија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Претседателката Зурабишвили која одби да ги признае официјалните резултати на изборите кажа за Асошиејтед прес дека Грузија станала жртва на рускиот притисок чија цел е да ги наруши плановите на таа земја да се придружи на Европската Унија.

„Видовме дека руската пропаганда е директно употребена“, кажа Зурабишвили која е жесток критичар на владејачката партија Грузиски сон. Таа оцени дека владата работи заедно со Русија и дека „веројатно добива помош“ од руските безбедносни служби, без да понуди каков било доказ.

Вчера Зурабишвили ги поддржа лидерите на прозападната опозиција и ги повика Грузијците вечерва да излезат на протест во Тбилиси и да протестираат против, како што кажа, „целосното фалсификување и тоталната кражба“ на изборите.

Грузиската централна изборна комисија соопшти вчера дека владејачката партија Грузиски сон освои 54,8 отсто од гласовите на изборите, врз основа на изброени речиси 100 отсто од гласовите, додека прозападната опозициска коалиција составена од четири партии добила 37,58 отсто од гласовите.

„Потребна ни е цврста поддршка од нашите европски партнери, од нашите американски партнери“, кажа таа и додаде дека Грузија е заинтересирана „силна Европа да биде присутна на Кавказот“ и тој регион „да биде стабилен“.

Кремљ ги отфрли обвинувањата за мешање во грузиските избори.

„Ние не се мешаме во внатрешните работи на Грузија и немаме намера да се мешаме“, кажа портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков и возврати дека токму Западот се обидел да влијае на гласањето.

Оцени дека повикот на претседателката Зурабашвили на протести е обид да се дестабилизира земјата.

Европската Унија уште претходно го стопираше процесот на пристапување на Грузија во Унијата по усвојувањето на законите со кои се ограничува пропагандата на ЛГБТ заедницата и со кои од невладините организации и медиуми кои се платени од странство се бара да се регистрираат како „странски агенти“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ