Утрово револт се создал на железничката станица во Велес затоа што голем број велешани, поради близината на Скопје, го користат возот што пристигнува во 6.25 часот за да одат на работа, а голем е и бројот на студенти кои секој ден со овој воз патуваат на факултет и попладне се враќаат дома во Велес. Најголемиот број од нив користат месечен билет или билети со попуст и за нив возот е најевтиниот превоз. Но, многупати е потврдено, и најнеизвесен превоз.
Од Македонски железници информраат дека вчера возот што од Скопје во 16.55 часот тргнува за Гевгелија уште на тргнување се расипал. Затоа од Гевгелја утрово немало воз за Скопје.
Револтираните граѓани кои отпатуваа со друг превоз, се изложија на дополнителни трошоци кои нема да им бидат надоместени, а некои ќе отсустваат од работа или од предавања на факултет.
Во ноември минатата година се расипа локомотивата од патничкиот воз Скопје-Битола, која се поправаше речиси две недели панемаше воз од Скопје за Битола и од Битола за Скопје. Затоа што нема доволно локомотиви!
И затоа Македонски железници укинаа повеќе редовни линии. А одамна низ Македонија не минуваат меѓународните возови.
Минатата година беше напукнат мост на пругата Скопје – Гевгелија. Затоа немаше товарен сообраќај, а компаниите се жалеа на милионски штети затоа што мораа транспортот да го вршат со камиони, што е многу поскап превоз.
Возовите низ Македонија возат со брзина од 50 километри на час затоа што не се сигурни пругите за поголем брзини. Во минатиот век брзите и експресни возови низ Македонја возеа со двојно поголема брзина. Во светот одамна возовите возат со брзини од 200, 300, 400… километри на час.