Вајмарската тројка денеска во Собранието ќе има средба со претседателот на Собранието Талат Џафери и со координарите на пратеничките групи.
„Северна Македонија припаѓа на семејството на ЕУ, одлуката е во ваши раце, сега треба да се направи чекорот“, се трите конкретни пораки што ги упати државната секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Република Франција Лоранс Бун.
Дискусијата околу Уставот, вели таа, нема да повлекува нови барања од Бугарија, туку, како што рече, Македонија потоа автоматски ќе се најде на патеката на пристапување.
„Нема никакви дополнителни барања од ниедна друга земја, но има барања за ревизија на Уставот“, порача Бун.
Според државната секретарка, 2030 година е реална цел за македонското членство во ЕУ. Нејзина оценка е дека Македонија има сѐ за да напредува кон Унијата и наскоро да се приклучи кон ЕУ.
„Оваа искусија околу Уставот нема да повлекува нови барања од Бугарија, автоматски Северна Македонија ќе се најде на патеката на пристапување потоа. Значи, нема никакви дополнителни барања од ниту една друга земја. Меѓутоа, има барања за ревизија на Уставот да се заврши тоа секако и повторно автоматски Северна Македонија ќе влезе во следната фаза на процесот на пристапување и исто така го спомнавте тоа вицепремиере во сферата на владеењето на правото, правдата и економската сигурност и реформите кои Северна Македонија треба сама да ги направи за себе“, истакна Бун.
Германската министерка за Европа, Ана Лирман потенцираше дека сега се отвора можност за проширување на ЕУ која што е широко отворена.
„Барањето на ваквата можност со решеност и со државност и со лидерство покажува високо чувство на одговорност за иднината на македонскиот народ и просперитет. Ве поттикнувам успешно да продолжите на реформската патека. Реформите се во корист на македонските граѓани. Тие го унапредуваат владеењето на правото, ја искоренуваат корупцијата, го промовираат просперитетот и инвестициите и ги подобруваат животните услови на Северна Македонија“, истакна Лирман.
Таа посочи дека е важно да се продолжи на патот сега и оти измените на Уставот ќе ја покажат Македонија како пример за мултиетничко општество.
„Потврдувањето и заштитувањето на малцинствата е темелот на европските права и обврски. Измената на македонскиот Устав ќе ги зацврсти заложбата и посветеноста на Северна Македонија кон европските вредности. Цврсто ги поттикнувам сите политички сили во Северна Македонија да го поддржат изменувањето на Уставот и да ја поддржат подобрата и попросперитетна иднина за Северна Македонија и македонскиот народ. Се друго ќе биде штетно за амбициите за членство во ЕУ“, истакна германската министерка.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на прес-конференцијата истакна дека го имаме нашето место во ЕУ, оти сега е време за храбри одлуки и реафирмација на консензусот за европската иднина на Македонија и за нашето членство во ЕУ.
Маричиќ потенцираше дека земјава е цврсто решена да продолжи по европскиот пат и е подготвена во наредниот краток рок да ги исполни приоритетите од реформската агенда.
Вицепремиерот очекува од сите политички партии и пратеници да придонесат за интензивирање на преговарачкиот процес. Тој апелира да се донесат уставните измени и „да се надмине периодот без никаква штета и можност да се вратиме назад во чекалната или во изолираното минато“. Владата, дополни, е цврсто решена да продолжи да го усвојува европскиот систем на вредности и да тежнее кон европеизација на општеството.
Министрите од Вајмарската тројка се сретнаа и со претседателот на државата Стево Пендаровски, кој како што соопштија од неговиот кабинет, истакнал дека државата останува посветена на започнатиот преговарачки процес и на спроведувањето на сите неопходни реформи, посочувајќи дека членството во ЕУ е наш стратешки интерес и неопходна е силна политичка волја од страна на сите политички фактори со цел исполнување на преземените обврски.
Покрај неопходните уставни промени, како што се наведува, беше нагласена важноста од владеење на правото, изградба на функционална правна држава, како и поуспешна борба со организираниот криминал и корупција.
Министрите од Вајмарската тројка имаа средба и со лидерот на ДУИ Али Ахмети на која, како што соопштуваат од неговата партија, во фокусот биле клучните околности во кои се наоѓа Македонија за да се забрза нејзиниот чекор кон европската интеграција, како што се важноста од усвојувањето на уставните измени, надминувањето на спорот со Бугарија по примерот на француско-германското помирување, посветеноста во спроведувањето на внатрешните реформи. Процеси кои, според ДУИ, бараат компактно дејствување од сите општествени чинители.
Ахмети на министрите од ЕУ им ја елаборирал иницијативата што ја презема неговиот субјект за создавање европски фронт, постојаното инсистирање за рефлектирање од сите партии за надминување на овој ќорсокак, верувајќи дека дури и во редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ има европски сили кои мислат за доброто на државата и не ја сакаат нејзината изолација.
ВМРО-ДПМНЕ и нејзините коалициски партнери вчера ги информирале министрите од Вајмарската група дека остануваат на ставот дека уставни промени во околности на политички диктат од соседството не се прифатливи.
„Улогата на соседите треба да биде улога на поддршка на нашите европски интеграции, а не негирање на македонскиот национален идентитет“, било посочено на средбата на лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски и претставници на коалициските партнери.
Било нагласено дека опозицијата воопшто не беше вклучена во преговорите кои резултираа со ултиматуми и барања кои отстапуваат од европските вредности и принципи.
„Оттука, за да се заштити процесот на пристапување од билатерализација, односите мора да се базираат на Копенхагеншките критериуми со взаемна почит, поддршка и соработка. Гостите беа информирани и за високото ниво на корупција во државата, за криминалот на високите ешалони во владата на СДС и ДУИ, како и за катастрофалните политики во секој сектор во државата“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ по средбата.
На средбата била дискутирана актуелната општествено-политичка состојба, особено во врска со пристапувањето на Македонија кон Европската Унија во овие предизвикувачки времиња.
„Од страна на претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата беше истакнат недвојбениот став дека се залагаме за членство на Македонија во ЕУ со силно зачуван и зајакнат идентитет, јазик, култура и вредности“, се потенцира во соопштението.
Пред повеќе од 30 години Германија, Франција и Полска се посветија на т.н. Вајмарска тројка да ги здружат силите во негување на демократијата, просперитетот и безбедноста низ цела Европа. Во тој дух, како што кажаа тројцата министри, се во Скопје.