недела, 20 октомври 2024

Уставните судии, заради различни гледишта, не успеаја да го изгласаат дневниот ред за седницата

Седницата на Уставниот суд која беше закажана за денеска е одложена поради тоа што при гласањето на дневниот ред мнозинство не доби предлогот на судијата-известител да не се повлекува точката за неговиот предмет, но и предлогот на еден од судиите да се повлече таа точка од дневниот ред. Претходно судијата-известител во дискусијата не се согласи од седницата да се повлече неговиот предмет за кој подготвиле реферат. Од Уставниот суд потсетуваат на неекипираноста на судот, односно дека за да се изгласа некоја одлука се потребни 5 гласа, иако во моментов судот има седум судии, од предвидените девет.

Објавено на

часот

Сподели

Во соопштението на Уставниот суд се вели дека 4-тата седница е одложена поради немање на услови за изгласување на дневниот ред.

„При дискусијата за утврдување на дневен ред еден од судиите предложи од денешната седница да се повлече предмет во кој е опфатена иницијатива за оценување на уставноста на член 6 став 4 од Законот за даноците на имот. Образложението за овој предлог за повлекување на судијата е што во предметот не е обезбедено мислење на Владата, како предлагач на Законот.

Со барањето за повлекување на оваа точка од дневниот ред не се согласи судијата-известител кој го изготви рефератот за оспорениот член од Законот за даноците на имот.

Со оглед на различните гледишта се разви дискусија, при што дел од судиите инсистираа да се постапува согласно воспоставената пракса, односно предмет да биде повлечен од дневниот ред кога некој од судиите ќе побара дополнително време за проучување, прибирање дополнителна документација или информации, без притоа да се гласа за повлекувањето на точка од дневен ред. 

Дискусијата заврши на начин што потребно мнозинство не доби предлогот на судијата-известител да не се повлекува точката, но и предлогот на еден од судиите да се повлече точката од дневниот ред, па следствено на тоа не се исполнија условите да се изгласа дневен ред и да почне седницата.

Уставниот суд потсетува дека во овој момент функционира со вкупно 7 од предвидени 9 судии. Судот ги донесува одлуките со мнозинство од најмалку 5 гласа. Дневниот ред исто така се изгласува со мнозинство, односно минимум 5 гласа. 

Седницата со истиот дневен ред за кој се предвидени осум иницијативи за оценување на уставност и законитост е закажана за 14 ноември, во вторник“, се вели во соопштението.  

Инаку, покрај точката заради која се одложи седницата, на дневен ред требаше да бидат и одлуката за поништување на Преспанскиот договор, нееднаквоста на граѓаните со обвинителите во кривичната постапка, жалбената постапка на судиите пред Судскиот совет како и начинот на утврдување на референтни цени на лековите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ