вторник, 19 ноември 2024
По објави на Фејсбук

Уште тебе да те снема, му напиша новинарка на новинарот Момировски, а МАН со осуда дека е тоа желба за смрт

Објавено на

часот

Сподели

„Тежок ден. Веќе 24 часа ги нема Еролчо, Тричко, Мерселчо, Џабирче, Коковче, Зоранче и другите опионинисти да му се заканат на македончето дека ќе го нема ако не поминат уставните измени. Ајде уште една форца удрете, само малку фали, јас сум речиси убеден, уште една кофа ви фали и одиме сите во ЕУ“, напиша новинарот Горан Момировски, а новинарката Слободанка Јовановска изреагира: „Уште тебе да те снема“. Има уште неколку коментари од други фејсбук-пријатели на неговата објава. МАН издаде официјално соопштение остро интонирано со барање за реакција на надлежните органи.

Во соопштението на МАН се вели:

„Македонската асоцијација на новинари МАН остро ja осудува последната желба за ликвидација од новинарката која посака смрт за колегата Горан Момироски.

Независно од психолошките мотиви на провладината новинарка на сајтот Независен, Слободанка Јовановска, таа со оваа своја објава на социјалните мрежи, директно преку компјутерски систем повикува на ликвидација на независен новинар, што само по себе е закана по животот и безбедноста на Горан Момироски. Точно е дека Јовановска има блиски релации со врвни функционери во власта, а нејзината порака да го снема Момироски може да го поттикне било кого од нејзините следбеници и поддржувачи на СДСМ да преземат насилни чекори против Момироски.

Затоа, МАН смета дека оваа порака од Јовановска, е порака од владеачката СДСМ да се пресмета со сите независни новинари кои известуваат за криминалот и корупцијата во власта, што е пракса преку правосудниот систем и цензорите на социјалните мрежи во изминатите 7 години.
Да потсетиме, под кривичен прогон од разни основи се над 80 независни, професионални медиумски работници кои објавуваат афери за криминалот и корупцијата на власта.
Провладините цензори на социјалните мрежи досега немаат ниту една пријава, блокада на владините, провладините активисти и апологети на власта за било која закана која ја имаат упатено до независните и професионални медиуми и новинари.

МАН ќе биде пријатно изненадена ако јавното обвинителство и МВР по службена должност преземат мерки против Јовановска, бидејќи врз основа на повеќегодишната пракса, тоа досега не е случај и со многу други претходни директни и јавни закани упатени до независните новинари од видни функционери на СДСМ, членови и симпатизери на власта.

– Очигледно е дека организациите во чие основање и работење учествувал колегата Момироски, без неговиот ангажман даваат резултат кој во последните 7 години е целосно поразителен за новинарството како професија. Ја поздравуваме смирената и разумна реакција на почитуваниот колега Момироски, кој иако не е член на МАН, има отворена покана да се придружи на МАН и вистински заеднички да работиме за заштита на новинарите и медиумските реформи.
МАН ќе продолжи со своите напори за законски реформи кои ќе овозможат поголема заштита на новинарите од секој вид на закани, бидејќи тоа е единствениот цивилизиран, етички, законски и Уставен начин на делување“.

Инаку, порталот Експрес.мк напиша дека Момировски, кој е нивен соработник, вели дека не се лути ниту се плаши и нема да ја пријави Јовановска во МВР.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ