Експертите денеска порачаа дека и Струга мора да ги почитува препораките за зачувување на статусот на Охридскиот регион, потенцирајќи дека бројот на дивоградби во струшко е голем.
Претераната урбанизација мора да запре. Општина Струга мора да изнајде начин за развој на одржлив туризам. Струга е дел од Охрид, тоа не е различно подрачје, така што ќе се обидеме да објасниме дека може да има развој, може да има туризам, само дека ќе мораме сите, значи и оние кои се занимаваме со тоа, но и оние кои гледаат некаков напредок само во масовен туризам или градби дека мора да изнајдеме заеднички компромис, подрачјето да опстане како исклучително природно и културно наследство “, изјави Андреј Совинц од Бернска конвенција.
Според него, проблемот со дивоградбите во Струга е најголем, и една од препораките, подвлече, ќе оди во правец дека треба да се најде некој кој ќе управува на терен.
– Една од препораките за Струга, но и за целиот регион е да се направи тело, кое на терен ќе управува со светското наследство во регионот и ќе ги спроведува сите препораки од еминентните конвенции и УНЕСКО. Не правење нови планови, нови комисии, кои ќе седат во канцеларии. Не. Потребно е едно тело, кое ќе управува со светското наследство во регионот. Имате најдобри планови, но сѐ е на хартија, мора да се имплементира. И потребно е воспоставување вистинска врска меѓу просторно планирање и управувањето со тие подрачја“, додаде Совенц.
Градоначалникот Рамиз Мерко за целиот овој период тврди дека во Струга дивоградби нема. По средбата со експертите пак кусо кажа дека сите добронамерни критики се добредојдени, но напоредно треба да се работи на развој на градот и искористување на потенцијалите.
За Охрид пак, експертите имаат четири клучни забелешки, а тоа се нелегалните градби, животната средина, Студенчишкото блато и урбанистичкиот план Горица Север. Експертите од градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков побараа заштита на мочуриштето кај Студенчишта односно да се стопира изградбата на пристаниште затоа што, како што велат, за две до три години блатото ќе исчезне, да се стави ред на дивоградбите долж езерото и дополнителна заштита на Охридското езеро.
После средбите со градоначалниците експертите своите заклучоци ќе ги достават до општините како препораки кои во иднина ќе треба да се спроведат