вторник, 19 ноември 2024

Улицата Втора македонска бригада ќе стане Адем Демачи, на свеченоста главна личност косовскиот премиер

Објавено на

часот

Сподели

„Аљбин Курти, премиерот на Косово, доаѓа во петок во 14.30 часот во општина Чаир. Причината е свеченото пуштање во употреба на улицата Адем Демачи и тој ќе остане близу еден час во нашата општина, а целата активност ќе биде кај споменикот на УЧК, или ‘Шќипоња’ во Топанско Поле“, изјави меѓу другото Ганиу за весникот Лајм. Ганиу уште додаде: „Можам да го прашам и Бујар Осман дали го знае Аљбин Курти како премиер на Косово. Ние го познаваме, населението го знае и на тој ден ќе има величествен дочек за премиерот на Косово“.

Инаку, станува збор за една од неколкуте улици кои веќе се преименувани во Чаир, а со согласност на Советот на Град Скопје.

Адем Демачи е многу почитувана личност во Косово поради неговите заложби за независно Косово и, според судските пресуди во поранешна Југославија против него, за голема Албанија. Бил една од личностите кои неколкупатои биле осудувани и кој не ги променил своите идеали. Започнал со активностите многу години пред војната во Косово, се залагал за мирно решение за прогласување на Република Косово, но по создавањето на Ослободителната војска на Косово, се приклучил во нејзиното политичко крило. Потоа бил директор на косовската државна радио телевизија. Бил близок со Курти. Починал на 82 години во 2018 година. Инаку студирал книжевност, право и образование во Приштина, Белград и во Скопје.

Но, улицата која ќе го носи неговото име засега се вика Втора македонска бригада. Некогаш тоа име го добила по славната бригада која биела битки со бугарскиот фашистички окупатор и која го изодела Февруарскиот поход. Броела 480 борци, голем дел од нив загинале кој во борба со бугарската војска, а уште поголем број животите ги загубиле во завршните борби за ослободување на Македонија, а потоа и на Југославија, најмногу на Сремски фронт. Еден од борците, Перо Видиковски Видов бил стрелан во Ваташа.

Како се одбра токму вакво преименување на оваа улица им останува познато на предлагачите од Чаир, а дали им било познато на тие што гласале во Советот на Скопје во 2021 година тешко дека ќе се дознае.

Како и да е, 493  улици, плоштади и мостови се преименуваат оттогаш во Скопје, на некои им се враќаат старите имиња, повеќето добиваат нови имиња според желбите на локалните политичари, а процесот најревносно се одвива во Чаир, каде списокот тежи 66 улици. Последна беше улицата 191 која стана ул.Сул Хотла, според истакнат балист, борец против партизаните, соработник на фашистичка Бугарија и на ВМРО меѓу двете светски војни. Бил осуден на смрт по ослободувањето на Македонија. Така вели македонската Историја.

д

Претходно, како што веќе пишуваше МКД.мк, може да се издвои и преименувањето на ул.Лазар Танев, инаку борец, во Ушкин Хоти. Улица доби и првиот косовски претседател и борец за независно Косово, Ибрахим Ругова, а на свеченоста присуствуваше косовската претседателка Вјоса Османи. 

И Османи и Курти практично, покрај тоа што добиваат добар повод, чест им прават на „огнената група“ одвоена од ДУИ, како и на Биљал Касами со одењето кај него во Тетово. За претседателката Османи во Тетово беше организирана невообичаено голема програма и свечености, додека пак Курти, по вторпат е гостин на Касами.

Според косовски медиуми, Изет Меџити со својата нова партија Демократско движење која деновиве ќе ја промовира официјално, се поистоветува со партијата на Курти, движењето Самоопределување.

„Со Курти ќе се разговара и за политички теми, каде што ќе има поделба меѓу оние кои се за Отворен Балкан и оние, имено ние, како и Курти, кои се за Берлинскиот процес. Нормално, ќе разговараме и за теми кои ја продлабочуваат соработката меѓу албанскиот опозициски фронт во (Северна) Македонија и Движењето за самооределување на Косово“, изјавил Меџити за посетата на Курти на Чаир, како што пренесуваат косовски медиуми.

Дали косовскиот премиер Аљбин Курти ќе има средби и со државниот врв, останува да се види, односно, да биде соопштено. Засега официјално не е најавено дека во Македонија доаѓа премиер на соседна држава. Така вели и министерот Бујар Османи.

                                                                                                                        П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ