Руската војска не го спомна инцидентот, но руските блогери ја потврдија загубата на авионот, аналитичарите велат дека најверојатно биле користени американски противвоздушни системи „патриот“.
Ројтерс не може самостојно да ги потврди извештаите.
„Денеска напладне во јужниот сектор уништени се три руски борбени авиони Су-34“, напиша командантот на украинските воздухопловни сили, Микола Олешчук на комуникациската платформа Телеграм.
Портпаролот на воздухопловните сили Јуриј Ихнат ја опиша на националната телевизија како „брилијантно планирана операција“.
„Авионот Су-34 веќе некое време не е во нашата позитивна статистика“, рече тој, додавајќи дека тоа е еден од најнапредните руски модели за бомбардирање и други видови напади.
Во својата ноќна видео порака, Зеленски ја пофали противвоздушната единица во регионот на Одеса за соборувањето на авионот во регионот Херсон.
Регионот беше окупиран во раните денови на инвазијата на Москва во февруари 2022 година. Украинските сили се обидуваат да ја вратат контролата врз изгубената територија, а во ноември воспоставија позиции на источниот брег на реката Днепар во Херсон.
Руската новинска агенција Евразија дејли, објави дека украинските наводи се веродостојни. Киев би можел да лансира ракети „патриот“, кои имаат дострел до 160 километри против цели на голема височина, од западниот брег на реката Днепар, соопшти агенцијата.
Украинскиот експерт за воздухопловство Валери Романенко изјави за украинското радио НВ дека верува оти ракетите „патриот“ најверојатно ги собориле руските авиони.
„Ова беше ситуација во која Русите фрлија до 100 бомби на југ. Авионите летале заедно и биле фатени. Тие навистина не земаа предвид дека „патриот“ има домет од 160 километри за аеродинамични цели“, објасни Романенко.
Украинските успеси станаа поретки откако силите на Киев остварија молскавична победа пред една година кога ги вратија териториите на североистокот и југот.
Контраофанзивата започната на истокот и југот на земјата во јуни не постигна голем напредок. Зеленски признава дека територијалните придобивки се побавни отколку што се очекуваше, но тој ги отфрли тврдењата на воениот командант генерал Валериј Залужни дека војната влегла во фаза на исцрпеност, што бара промена на тактиката.