„Никој нема да го сопре Путин со телефонски повици“, напиша Туск на социјалната мрежа Икс.
„Последователниот (руски) напад, еден од најзначајните во оваа војна, покажа дека телефонската дипломатија не може да ја замени вистинската поддршка од целиот Запад.
Украинската енергетска мрежа, која е веќе многу кревка, се соочи со еден од најголемите руски напади во последните месеци, во кој загинаа девет лица и околу 20 се повредени“, додаде Туск.
Шолц, кој е под критики поради телефонскиот разговор со Путин, ја потврди непрекинатата поддршка на Германија на Украина и истакна дека ниедна одлука за исходот на војната нема да биде донесена без Киев.
Разговорот на Шолц и Путин предизвика негодување на Киев, каде украинскиот претседател Володимир Зеленски го критикуваше Шолц за „отворање на Пандорината кутија“.