четврток, 24 октомври 2024

Турски аскер повторно на Косово: Анкара ја презема командата на КФОР

Турција утре за првпат ќе ја преземе командата на КФОР, па со оваа мисија на НАТО во иднина ќе командува мајорот Озкан Улуташ.

Објавено на

часот

Сподели

Анкара традиционално ја поддржува Приштина, а неодамна на Косово му продаде шест свои беспилотни летала „бајрактар“. Според косовскиот министер за одбрана Ејуп Мачедонци, Турција продолжува да го поддржува развојот на косовските безбедносни сили во сите аспекти, вклучувајќи обука и образование, но пред сè од аспект на снабдувањето со оружени системи и опрема.

Меѓутоа, лидерот на Турција Реџеп Таип Ердоган е во добри односи со српскиот претседател Александар Вучиќ, што соговорниците на Блумберг го оценија како клучно за спречување ескалација на насилствата по случувањата во Бањска.

Се наметнува прашањето каква улога ќе игра Турција чиј контингент е втор по бројност на Косово, за време на својот едногодишен мандат.

Поранешниот српски амбасадор во Турција и исламолог Дарко Танасковиќ вели дека имајќи предвид дека Турција го снабдува Косово со оружје и воена опрема и дека ги обучува нивните офицери, на Србија не може особено да ѝ одговара тоа што новиот командант на Кфор ќе биде од Турција. Тој истакнува дека во турските медиуми наголемо се објавуваат наслови дека „турските војници се повторно на Косово“, а „знаеме историски што значи тоа и какви се конотациите“.

„Не очекувам тоа да биде преголема промена, но нормално дека Србинот не може да се радува кога Турчинот е повторно на Косово. Беа во касарната „Султан Мурат“ и чисто симболично гледано не можеме да ги надминеме лошите сеќавања. Реално и политички гледано, мислам дека нема да има голема разлика во однос сегашната политичка пристрасност на Кфор“, смета Танасковиќ.

Тој, меѓутоа, истакнува дека командантот на Кфор секако не ги добива наредбите од Анкара, ниту ќе ги добива од Анкара кога командантот на мисијата ќе биде Турчин.

„Се знае од каде командантот на Кфор ги добива наредбите, сигурно не од Советот за безбедност а уште помалку од Турција“, па од таа гледна точка не може да се очекуваат големи промени, вели Танасковиќ кој сепак верува дека Турците, како многу дисциплинирани офицери, ќе се трудат да се однесуваат што е можно пообјективно.

„Вкупно гледајќи, а тоа го видовме во трагичните настани во Бањска, за некаква објективност на Кфор не може да се зборува но може да се зборува за тоа дека тие ќе почитуваат одредени граници во своето ангажирање кои сепак нема да преминат преку она што би бил крах на нивната мисија и на морале и на воен план“, истакнува српскиот дипломат.

Тој додава и дека Турција е многу заинтересирана за проблемот со Косово бидејќи Балканот е еден од приоритетите на нивната „неоосманска надворешнополитичка, дури и поширока национална доктрина“.

„Заинтересирани се за сè што се случува на Балканот, особено во врска со муслиманските заедници, а знаеме дека Албанците на Косово се 90 и повеќе отсто муслимани. Турција доследно го поддржува Косово, иако „спортски“ настојува паралелно да одржи добри односи и со Србија и да ги развива бидејќи сфаќа дека без Србија дури и тие неоосмански планови не може да ги реализира како што би ги реализирала во соработка со Србија“, заклучува Танасковиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ