Бидејќи дури ни вештачката интелигенција не го реши проблемот со невработеноста и потребата од евтина работна сила (или, како што тоа политички коректно се вика, зголемена продуктивност), кој го мачи Капиталот уште од кога постои, а Капиталот… ова… пардон, демократијата, нели, не смее ништо да го… ова, да ја мачи — Метафизичката управа сериозно се нафати еднаш и засекогаш да го реши овој горлив проблем на Капиталот, проблем, кој со векови го тиранизира слободниот пазар и со тоа е најголем непријател, нели, на демократијата.
Така, Метафизичката управа најде начин да ги воскреснува мртвите за да ги пополнува празните работни места. Та кој друг, освен нејзиното височество Метафизиката ја знае тајната на алчноста и ненаситноста на Капиталот… ова… пардон, на вечноста и бесконечноста на демократијата! И така, после многу револуции, демократијата уште еднаш беше спасена на грбот на мртвите! Освен тоа, воскресението на мртвите го реши и проблемот со астрономската задолженост на неолибералните демократии: имено, на мртвите им беше наплатена мртварина, односно данок на смрт, како компензација за слободниот пазар, кого го оштетиле со својата непродуктивност. Секако, во мртварината беше пресметана и законска камата — замислете, колку само ја наполниле буџетската каса првите мртовци на цивилизацијата, кои легачеле со илјадници години, повредувајќи го неприкосновеното право на Капиталот да се умножува, да циркулира, да се акумулира и да се концентрира во џебовите на олигарси… ова… на креативните претприемачи!
Смртта и сите други облици на неактивност кои му штетеа на слободниот пазар, како починката, одморот, сонот, дремката… беа прогласени за фашизам и забранети. Неолибералните еко-активисти беа во делириум: најпосле беше најден начин да се рециклира самиот живот: штом некој ќе умреше, веднаш беше воскреснат и повторно интегриран како евтина и непресушна работна сил… ова… како инклузивен и продуктивен член на заедницата… И секако, соодветно оданочен според тоа колку пати умрел. Неолибералните феминистки, пак, го славеа укинувањето на смртта преку непрекинатото рециклирање на животот како конечен триумф над деструктивнот фалусен поредок на патријархатот, поразен од непрекинатото црнчење на работни… ова… од непрекината продуктивност на вагиналниот принцип. Со еден збор, сите беа во транс. Освен воскреснатите.
Беспомошен среде сиот овој рај околу себе, граѓанинот Шљупков тргна да го бара пеколот (секако, тоа мораше да го стори во најголема тајност, за да не биде фатен и обвинет за „фашизам“). Меѓутоа, многу брзо сфати дека пеколот го нема засекогаш, и тоа го доведе во неизмерен очај. Затоа што веќе беше насекаде. И засекогаш. Само што сега го викаа „рај“.
Рајко Пеколски