„Факт е дека државата во оние услови кои ги наследи од оние кои претходно ја менаџираа е моментално во многу лоша состојба од аспект на технички услови, кадар, оперативно, системска поставеност, начин на реагирање, брзо и соодветно, начин на откривање итн. Но, факт е дека даваме сѐ од себеси. Факт е дека сме посветени максимално на ова“, рече Тошковски.
Министерот соопшти дека човечки фактор најчесто ги предизвикува пожарите и оти оперативната акција „Пожар 2024“ за справување со пожарите е веќе отворена. Информриа дека се пронајдени, лоцирани и лишени од слобода во изминатиот период повеќе лица во врска со конкретни пожари.
„Мислам дека сите информации јавно се споделени преку МВР. Жестоко реагираме на сите информации кои ги добиваме. Секако за сето тоа треба да се обезбедат соодветни докази. Пуштени се оперативни тимови на терен, сите началници на СВР се фокусирани на ова, гранична полиција е вклучена во рамки на оперативни обработки и теренско делување. Правиме сѐ што можеме за да ги лоцираме оние кои се директни виновници за предизвикување на пожарите, и соодветно да ги процесуираме пред органите на прогонот. Најчесто станува збор за човечки фактор којшто ги предизвикува пожарите. Жестоко ќе реагираме во иднина на секој оној којшто со докази ќе успееме да го процесуираме во законита постапка“, вели Тошковски.
Во однос на обвинувањата на СДСМ и барањето за негова смена во Управувачкиот тим поради несоодветно справување со пожарите, Тошковски рече дека тој досега три пати бил на терен да ги увиди пожарите.
„Не верувам дека претходно министер за внатрешни работи се занимавал со тие прашања. Не верувам дека претходно министер за внатрешни работи бил на терен така како што јас одам на терен, оти нели сум повикуван дека не сум одел на терен. Жално е кога еден министер за внатрешни работи треба секогаш на оперативно ниво и на техничко ниво, да менаџира на микро ниво со сите оние проблеми кои ги засегаат граѓаните во една држава. Но нека не се секираат овој министер за внатрешн работи има доволно енергија и да биде присутен во рамки на пожарите, и да биде присутен на билатерална средба, и да биде со полицајците, и да биде со оние кои се на обука во рамки на полицијата и да биде секаде таму каде што е потребно. Ќе дадеме сѐ од себе“, рече тој.
Тошковски информира дека повторно е активиран ЕУ механизмот и неколку земји доставуваат воздухопловни летала.
-Информиран сум дека треба да пристигнат во текот на денешниот ден, еден хеликоптер од Србија ќе пристигне во текот на вечерните часови. Мислам дека беше договорено да пристигне еден хеликоптер од Чешка, говориме за два канадери од Германија. Министерот за надворешни работи има разговарано и со неговите колеги од Турција, Унгарија, Австрија. Правиме се што можеме, ќе сториме се што можеме во насока максимално да се екипираме и одговориме соодветно на сите овие кризни состојби кои се факт дека се реалност во Македонија. Народот го гледа тоа и народот гледа дека Македонија е во една катастрофална состојба што е исто така факт. Но, притоа срам да им е на овие политички „добронамерници“ коишто обвинуваат дека некој друг е крив затоа што државата ја оставија на вакво дереџе да нема систем. Имаме недоволно екипирани пожарникари. Немам доволно возила, немаме гориво. Донесовме одлука за да се обезбеди гориво на ЈП „Национални шуми“ заради тоа што го оставиле претпријатието четири месеци без плата за вработените и без никаква соодветна опрема, нагласи министерот Тошковски.