Финалето од ракометниот Куп на Македонија остана во сенка на инцидентот кој се случи по мечот кога полицаец без никаква причина го удри Филип Талески со пендрек по глава.
Во финишот имаше турканица меѓу двете екипи, а припадникот на МВР реши да извади пендрек и да го удри ракометарот.
„Како спортист мислам дека е добро кога постојат вакви дерби дуели, меѓутоа некои работи не смеат да се случуваат. Навистина не знам како е можно да добијам пендрек од полицаец. Не го заслужив тоа. Во шок сум, како и цела ракометна јавност во Европа. Добив многу пораки со поддршка. Исто така, верувам дека надлежните органи ќе го решат случајот. Верувам дека во иднина нема да се случуваат вакви инциденти“, рече Талески за „Лоб Спорт“.
Министарството за внатрешни работи (МВР) отвори предмет против полицаецот кој го удри македонскиот репрезентативец.