среда, 23 октомври 2024

Тајмс: Навални е убиен со стар метод на КГБ „удар во срцето“

Алексеј Навални најверојатно бил убиен со удар во срцето откако неколку часа бил изложен на смрзнувачки услови, тврди Владимир Осечкин, основач на групата за човекови права Гулагу.нет. Се работи за техника што некогаш ја учеле оперативци на КБГ.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Осечкин за Тајмс изјави дека модринките пронајдени на телото на Навални „одговараат на техниката еден удар“, повикувајќи се на извор што работи во арктичката колонија каде што Навални почина во петокот.

Пред смртта, Навални (47) бил принуден да помине повеќе од два и пол часа во самица на отворено, каде што температурите знаат да паднат и до минус 27 Целзиусови степени, рече Осечкин. Затворениците обично на отворено биле држени не повеќе од еден час.

„Мислам дека прво му го уништиле телото така што го држеле долго време на ладно и му ја забавиле циркулацијата на крвта на минимум“, вели Осечкин. „И тогаш станува многу лесно да се убие некого, во рок од неколку секунди, ако оперативецот има искуство во тоа. Тоа е стар метод на специјалните единици на КГБ. Тие ги обучуваа своите оперативци да убијат човек со еден удар во срцето, во центарот на телото. Тоа беше заштитен знак на КГБ“, додава тој.

Тој додаде дека поранешни затвореници што одлежувале казна во арктичкиот регион претходно пријавувале дека некои затвореници биле убиени на овој начин. Досегашните информации од руските власти за смртта на Навални се штури и контрадикторни. Семејството не знае каде е неговото тело, а не се познати ниту резултатите од обдукцијата.

Веста за смртта на Навални ја објави руската Федерална затворска служба (ФСИН), која соопшти дека тој изгубил свест по прошетка во казнената колонија позната како Поларен волк во регионот Јамало-Ненец.

Неколку минути подоцна, канал под контрола на државата на страницата за размена на пораки Телеграм тврдеше дека причината за смртта е згрутчување на крвта. Следниот ден, на мајката на Навални и на неговиот адвокат им било доставено известување за смрт, во кое се наведува дека тој починал од „синдром на ненадејна смрт“.

Јулија Навална, вдовицата на Навални, во понеделникот сугерираше дека нејзиниот сопруг бил убиен со помош на новичок, нервниот агенс со кој убијците на ФСБ се обиделе да го убијат во август 2020 година.

Осечкин рече дека мисли дека е малку веројатно да се работи за тоа. „Можно е, се разбира, но кога некој е под контрола на затворскиот систем, постојат многу опции како да биде убиен. Новичок би оставил трага во неговото тело и би водел директно до Путин, со оглед на тоа што тој веќе еднаш се обиде со тоа“, рече тој.

Осечкин го основа Гулагу.нет во 2011 година. Користејќи ги информациите што ги добивал од широката мрежа на затвореници и затворски службеници, тој стана водечки авторитет за кршење на човековите права во руските затвори. Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, го отфрли тврдењето на вдовицата на Навални дека Путин го убил нејзиниот сопруг како „неосновано и вулгарно“.

„Во моментов мораме да се увериме дека неговото тело ќе биде пренесено кај семејството на Навални и на Запад на тестирање“, рече Осечкин. „Но постои голем ризик специјалните сили на Путин наместо тоа да го кремираат“.

Во понеделникот беше објавено дека висок затворски функционер, кој беше обвинет дека во неколку наврати интервенирал Навални грубо да биде третиран, е унапреден.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ