сабота, 27 јули 2024

„Ви се обраќам Вам, Владимире Путин“: Људмила Навална петти ден го бара телото на синот (ВИДЕО)

Мајката на Навални апелираше до Путин да ѝ го даде телото на нејзиниот син за да може достоинствено да го погребе. Руската држава вчера распиша потерница против Олег Навални, братот на Алексеј, за неодредени обвиненија за криминал.

Фото: принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Мајката на Алексеј Навални директно апелираше до Владимир Путин да ѝ го врати телото на нејзиниот син.

Људмила Навална и поддржувачите на починатиот руски опозициски лидер велат дека властите не дале никакви информации за неговата смрт, ниту каде се неговите останки.

Навална преку снимка му се обрати на рускиот претседател од пред затворот на Арктикот каде што почина нејзиниот син.

„Зад мене е казнената колонија ИК-3 Поларен волк, каде што мојот син Алексеј Навални почина на 16 февруари“, вели таа на снимката, која беше објавена на социјалните мрежи од тимот на Навални. „Не можам да дојдам до него пет дена, тие (надлежните) не ми го даваат неговото тело, а не ми кажуваат ни каде е.“

„Ви се обраќам Вам, Владимире Путин. Решението на оваа работа зависи исклучиво од Вас. Дозволете ми конечно да го видам мојот син. Барам телото на Алексеј веднаш да биде ослободено, за да можам да го погребам како човек“, вели таа.

Руските власти соопштија дека причината за смртта на Навални сѐ уште е непозната и одбија да го ослободат неговото тело во следните две недели додека трае прелиминарната истрага, рекоа членовите на неговиот тим.

И покрај ризикот од апсење, луѓето продолжија да положуваат цвеќе на спомениците во Русија за најгласниот критичар на Путин.

Од смртта на Навални, околу 400 луѓе се уапсени низ цела Русија додека се обидувале да му оддадат почит со цвеќиња и свеќи, според ОВД-инфо, група што ги следи политичките апсења.

Фото: ЕПА

Властите ги опколија спомениците на жртвите на советската репресија низ целата земја, кои се користеа како импровизирани места за оддавање почит. Полицијата ноќе ги отстранува цвеќињата, но потоа се појавуваат други.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека полицијата постапува „во согласност со законот“ со приведувањето луѓе што му оддаваат почит на Навални.

Фото: ЕПА

Во меѓувреме, против Олег Навални, братот на Алексеј, вчера беше отворена нова кривична постапка и е распишана потерница за неодредени обвиненија за криминал.

Во 2021 година тој беше осуден на една година условна казна за прекршување на мерките против ковид, откако беше обвинет дека ги повикал Русите да присуствуваат на митинг за неговиот брат.

Тој беше осуден во отсуство во февруари 2022 година на една година затвор за прекршување на условите на условната казна.

Не се знае каде се наоѓа тој, вели Јуроњуз. Тој отпатувал за Кипар во 2021 година и не се вратил во Русија, според судските документи цитирани од новинските агенции.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ