сабота, 27 јули 2024

Путин унапреди висок функционер во затворот во кој почина Навални

Рускиот претседател Владимир Путин унапреди висок затворски функционер неколку дена откако во тој затвор почина водечкиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, јави Дпа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Заменик-шефот на затворската управа на ФСИН, Валериј Бојаринев, е унапреден во генерал-полковник на Министерството за внатрешни работи.

Иван Жданов, директорот на Фондацијата за борба против корупцијата основана од Навални, во вторникот на својот канал на Телеграм напиша дека Бојаринев е лично одговорен за тортурата на Навални во затворот.

„Ова мора да се сфати како отворена награда на Путин за тортура“, го искоментира Жданов унапредувањето на Бојаринев.

Во јули 2023 година, на судско рочиште против Навални стана позната наредбата на Бојаринев да ја ограничи можноста на Навални да купува храна и секојдневни продукти.

Затворениците обично можат да користат свои пари за во затворската продавница да ги надополнат своите штури оброци.

Според Жданов, новоименуваниот генерал-полковник е одговорен и за малтретирање на Навални.

Унапредувањето на Бојаринев стана познато во понеделникот кога беше објавен претседателскиот указ во правната база на податоци, вели Дпа.

Покрај Бојаринев, во чин генерал беа унапредени уште тројца полицајци.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, негираше каква било поврзаност помеѓу смртта на Навални и унапредувањето, минимизирајќи го ова како нормална процедура.

Навални почина во петокот во сибирски затворски логор во северна Русија.

Ослабен од повеќекратното затворање во самица, Навални наводно колабирал за време на прошетка во замрзнатиот затворски двор, и починал и покрај обидите за реанимација, потсетува Дпа.

Руските власти и понатаму одбиваат да им дозволат на роднините на Навални пристап до неговото тело.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ