петок, 15 ноември 2024

Сеул размислува да му испрати оружје на Киев

Јужна Кореја размислува за директно снабдување на Украина со оружје како дел од мерките за ограничување на воените врски меѓу Северна Кореја и Русија, изјавија вчера официјални претставници, откако го обвинија Пјонгјанг дека испраќа војници да се борат за Русија во Украина.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Јужнокорејската разузнавачка агенција минатата недела соопшти дека Северна Кореја испратила 1.500 припадници на специјалните сили на рускиот Далечен Исток на обука и приспособување во локалните воени бази, веројатно за борбени операции во војната во Украина.

Очигледно целта на вчерашните изјави од Јужна Кореја е да се изврши притисок врз Русија да не ги вклучува севернокорејските трупи во војната против Украина.

Јужнокорејските власти се загрижени дека Русија би можела да ја награди Северна Кореја со обезбедување напредни воени технологии, кои би можеле да ги унапредат севернокорејските нуклеарни и ракетни програми, кои се насочени против Јужна Кореја, пишува Асошиејтед прес.

Висок функционер во кабинетот на претседателот Јун Сук Јола рече дека Јужна Кореја подготвува дипломатски, економски и воени мерки како одговор на различни сценарија за воена соработка меѓу Пјонгјанг и Москва, вклучувајќи ја и можноста за снабдување на Украина со смртоносно оружје доколку ситуацијата се влоши.

„Испораката на оружје за одбранбени цели би ја разгледале како дел од постепени сценарија, а ако процениме дека ситуацијата премногу ескалира, би можеле да размислиме и за оружје за офанзивна употреба“, изјави функционерот за новинарите.

Овој развој на настаните ја истакнува можноста поделениот Корејски Полуостров да биде вовлечен во војната во Украина.

Сеул, кој се разви во еден од водечките производители на оружје, беше под притисок од некои западни земји и Киев да ѝ обезбеди на Украина смртоносно оружје, но досега се фокусираше на други видови помош, вклучително и опрема за деминирање, пренесува Ројтерс.

Кабинетот на претседателот Јун претходно соопшти дека ќе го преиспита испраќањето оружје во Украина откако Северна Кореја и Русија потпишаа договор за заемна одбрана во јуни, но вчерашната изјава на висок функционер укажува на досега најотворениот став на Сеул кон вооружувањето на Украина.

Изјавата дојде откако Советот за национална безбедност на Јужна Кореја (НСБ) одржа итен состанок за да ги разгледа одговорите на растечките воени врски на Северна Кореја со Русија. НСБ соопшти дека Пјонгјанг делува како „криминална организација“ испраќајќи млади луѓе да се борат како „руски платеници“, притоа занемарувајќи ги условите за живот и човековите права на својот народ дома.

„Нашата влада побара итно повлекување на севернокорејските трупи и доколку продолжи сегашната воена соработка меѓу Северна Кореја и Русија, ние нема да седиме со скрстени раце и ќе одговориме решително заедно со меѓународната заедница“, се вели во соопштението.

Високиот функционер рече дека тим од разузнавачки и одбранбени функционери ќе го посетат седиштето на НАТО „во следните денови“, откако генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во понеделникот побара од претседателот Јун да испрати делегација за зајакнување на размената на информации.

Промена на политиката на Сеул би била добредојдена во Киев, кој се соочува со сериозен недостиг од муниција. Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, синоќа ги повика сојузниците да не се „кријат“ и да реагираат на доказите за вмешаноста на Северна Кореја во војната во Украина. Тој рече дека Украина има информации за подготовка на две единици – веројатно до 12.000 севернокорејски војници – за учество во војната заедно со руските сили. „Ова е предизвик, но ние знаеме како да одговориме на овој предизвик. Важно е и партнерите да не бегаат од овој предизвик“, рече Зеленски.

Северна Кореја и Русија го негираа распоредувањето на севернокорејските трупи, како и наводниот трансфер на оружје, но двете страни ветија дека ќе ги зајакнат воените врски.

На состанокот на Советот за безбедност на Обединетите нации во понеделникот, рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензја, ги отфрли тврдењата на Јужна Кореја, како и обвинувањата на Западот дека Иран ја снабдува Русија со проектили и дека Кина обезбедува компоненти за оружје. Тој го обвини Западот дека „шири паника користејќи ирански, кинески и корејски бабароги, од кои не се знае што е поапсурдно“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ