Погодени од царините од 10 до 50 отсто за нивниот извоз во водечката светска економска сила, повеќето од овие земји немаат доволно ресурси за ефективен одговор, ниту политичка волја да влезат во долгорочен конфликт, оценува агенцијата Ројтерс и додава дека поради тоа, огромното мнозинство трговски партнери веднаш не возвратиле со контрамерки, туку изразиле подготвеност да преговараат за компромис. Дури и меѓу оние кои воведоа контрамерки, вратата беше отворена за продолжување на дијалогот.
Кина вчера објави дополнителни царини од 34 отсто за американските стоки, што му возвраќа на Трамп и дополнително ескалира трговска војна што ги поттикна стравувањата од рецесија и ги доведе глобалните берзи во пад, без знаци на забавување. Во судирот меѓу двете најголеми светски економии, Пекинг најави и ограничувања на извозот на одредени метали од ретки земји, додека Трамп возврати со иста мерка, ветувајќи дека нема да отстапува од својата политика.
Сепак, од Кина до Канада, која одговори со умерени мерки, се очекува повеќето земји да дојдат на преговарачка маса порано или подоцна, со оглед на тоа колку се важни американските трошоци за глобалната економија. Според податоците на Светската банка, американската потрошувачка е за две третини поголема од потрошувачката во Европската Унија.
Надвор од преговорите, владите имаат ограничени опции за заштита на нивниот извозен сектор и пошироката економија.
Меѓу нив се и зголемувањето на државната помош или воведувањето на поширок економски стимул, Шпанија во четвртокот објави пакет помош од 14 милијарди евра, како и барање алтернативни, поповолни трговски партнери. Германските власти размислуваат за зајакнување на соработката со Мексико, Канада и Индија.
Сепак, за свет кој веќе е длабоко задолжен по години на пандемиски стимулации, ќе биде тешко да се обезбеди финансирање за субвенциите и другите форми на финансиска помош потребни за да се избегне намалување на прогнозите за раст, пад на профитот и отпуштања.
Земјите кои немаат моќ како Кина би можеле побрзо да седнат на преговарачка маса, истакнува Ројтерс.
Индија, која беше погодена со царина од 27 отсто, веќе е во разговори и не размислува за контрамерки, изјави владин претставник. Пред најновите царини, Индија веќе направи некои отстапки за Вашингтон и е подготвена да ги намали тарифите за повеќе од половина од американскиот увоз во вредност од 23 милијарди долари во првата фаза од договорот, рекоа владини извори.
Трамп вчера изјави дека имал „продуктивен“ телефонски разговор со виетнамскиот лидер То Лам, при што Лам понудил намалување на царините за американскиот увоз во Виетнам. „Само што имав многу продуктивен разговор со То Лам, генералниот секретар на Комунистичката партија на Виетнам, кој ми рече дека Виетнам сака да ги намали царините на нула доколку се постигне договор со САД“, напиша Трамп на Трут соушл. „Му се заблагодарив во името на нашата земја и реков дека со нетрпение очекувам да се сретнам со него во блиска иднина“.
Додека европските берзи ги забележаа најголемите неделни загуби во последниве години, европскиот комесар за трговија Марош Шефчовиќ најави разговори со американски официјални лица.
„Нема да пукаме на слепо – сакаме да им дадеме шанса на преговорите да успеат и да постигнат фер договор, во наша заедничка корист“, порача тој на социјалните мрежи.
Во Европската унија има поделби околу тоа како најдобро да се одговори на царините на Трамп. Меѓу земјите кои се внимателни во однос на контрамерките, не сакајќи дополнително да го ескалира конфликтот со САД, се Ирска, Италија, Полска и скандинавските земји.
Францускиот претседател Емануел Макрон го предводеше притисокот во четвртокот, повикувајќи ги компаниите да ги замрзнат инвестициите во САД.
Сепак, францускиот министер за финансии Ерик Ломбар подоцна предупреди да не се одмаздува со иста мерка кога станува збор за американските царини, наведувајќи дека тоа може да има негативни последици и за европските потрошувачи.
Од друга страна, светските берзи бурно реагираа на царините на Трамп.
Инвестициската банка Ј.П. Морган рече дека сега гледа 60 отсто шанса глобалната економија да влезе во рецесија до крајот на годината, што е зголемување од 40 отсто претходно.
Огромните царини на Трамп избришаа 2,4 трилиони долари од вредноста на американските акции, Волстрит вчера забележа голем пад откако Кина најави контрамерки. Вредноста на акциите на технолошките компании падна, особено беа погодени компаниите кои зависат од Кина и Тајван за производство на нивните уреди.
„Ова е сериозно и веројатно нема да заврши наскоро, поради што реакциите на пазарот се негативни“, рече Стефане Еколо, стратег за пазари и акции во лондонската фирма Традиција. „Инвеститорите стравуваат од трговска војна „удар за удар“.
Претседателот на Федералните резерви на САД, Џером Пауел, вчера изјави дека царините се „повисоки од очекуваното“ и дека истовремено го зголемуваат ризикот од повисока инфлација и забавен економски раст.
Во претходно подготвеното обраќање, Пауел не се осврна директно на падот на акциите во САД, но призна дека истата неизвесност што ги погодува инвеститорите и директорите на компаниите влијае и на Федералните резерви.
По говорот на Пауел, Трамп на социјалните мрежи го повика претседателот на Федералните резерви да ги намали каматните стапки, велејќи дека сега е „совршено време“ за овој потег.
„Намалете ги каматните стапки Џером и престанете да играте политика“, изјави Трамп на социјалната мрежа Трут соушл.
Тимот на Трамп вчера го намали потресот на пазарот, прикажувајќи го како прилагодување што ќе се покаже корисно на долг рок. Белата куќа укажа на подобри од очекуваните податоци за вработеноста, откако извештајот на Министерството за труд покажа дека американската економија во март додала значително повеќе работни места отколку што се предвидуваше.
„За сите оние инвеститори кои доаѓаат во САД и вложуваат огромни суми пари, моите политики никогаш нема да се променат. Ова е одлично време да се збогатите – повеќе од кога било досега!!! рече Трамп во објава на социјалните мрежи.
По објавата на Кина, Трамп додаде: „Кина одигра погрешно, тие се во паника и тоа е единственото нешто што не можат да си го дозволат!“
Во Јапонија, еден од најголемите трговски партнери на САД, премиерот Шигеру Ишиба изјави дека царините предизвикале „национална криза“, бидејќи акциите на банките драстично паднаа на берзата во Токио.
Американскиот државен секретар Марко Рубио ги отфрли тврдењата за економски колапс, велејќи им на новинарите дека пазарите само реагираат на промените и дека ќе се прилагодат.
„Нивните економии не пропаѓаат. Пазарите реагираат на драматичните промени во глобалниот трговски поредок“, изјави тој на прес-конференција во Брисел. „Пазарите ќе се прилагодат“.