петок, 18 октомври 2024

Судир на џиновите

Објавено на

часот

Сподели

Конечната пресуда над судската битка помеѓу рускиот магнат и сопственик на фудбалскиот клуб Челзи Роман Абрамович и рускиот милијардер-бегалец Борис Березовски се очекува кон крајот на март или почетокот на април, јавува Раша тудеј.

Во една од најголемите приватни тужби во британската историја, 65-годишниот Березовски го тужи 45-годишниот Абрамович, барајќи отштета вредна неколку милијарди долари, тврдејќи дека сопственикот на Челзи го уценувал да му ги продаде акциите од нивната заедничка компанија, рускиот нафтен гигант Сибнефт, „за делче од нивната вистинска вредност“ во 2001. А делчето е „само 1,3 милијарда“ американски долари.

Березовски го обвинува Абрамович и за недозволена продажба на неговите акции во алуминиумската фабрика РУСАЛ во 2004. Березовски тврди дека Абрамович го искористил влијанието на своите контакти во Кремљ за да ги „протне“ двете зделки. Вкупната отштета што Березовски ја бара е околу 5,5 милијарди долари.

Абрамович, пак, деветтиот најбогат Русин според листата на Форбс за 2011, тврди дека Березовски никогаш немал акции во ниту една од компаниите. Сопственикот на најскапата јахта на светот кажа дека му платил на Березовски за да добие политичка заштита и заштита од криминалните банди, или „криша“ (покрив на руски).
Во 1990-тите Березовски, во времето на претседателот Јелцин, беше близок со тогашниот политички врв и беше во позиција да им го чува грбот на супербогатите, сè додека не падна во немилост на наследникот на Јелцин, Владимир Путин.

Судењето допрва ќе извади на виделина не баш убави информации од секојдневниот бизнис живот во Русија, додека противниците неуморно и заемно ќе се обвинуваат: спектакуларни меѓународни шеми за перење пари, наводното пријателство на Березовски со Владимир Путин, приватниот авион на Абрамович, кој според Березовски никогаш не поминува ниту царинска контрола ниту пасошка контрола низ светот.

Но докажувањето на вистината ќе биде мошне тешко: руските бизнисмени од тоа време не баш дека се заморувале со водење записи за своите зделки. Поголем дел од бизнис-трансакциите се вршел со размена на необележани куфери полни со пари, како што објаснува Абрамович.

Тоа значи дека битката меѓу двата олигарси ќе се претвори во двобој на очевидци, додека двете страни се обвинуваат за „бесрамно лажење“ и манипулирање на сведочењата.

Процесот почна лани во октомври во Велика Британија поради тоа што Березовски во 2004 таму доби статус на политички бегалец откако избега од администрацијата на Путин. Тој во Русија е обвинет за проневера и обид за освојување на власта. Доколку руските обвинители успеат да го екстрадираат, тој може да добие затворска казна до 20 години.

Во секој случај, судењето помеѓу „кутрите“ милијардери допрва ќе се разгорува.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ