Светската метеоролошка организација (СМО) објави дека јаглерод диоксидот (ЦО2) се акумулира во атмосферата побрзо од кога било откако човекот постои на Земјата. Неговото ниво се зголемило за повеќе од 10 проценти за само дваесет години.
Во својот годишен билтен за стакленичките гасови објавен во понеделникот, СМО вели дека во 2023 година, глобалните просечни површински концентрации на стакленички гасови ЦО2, метан и азотен оксид достигнале 151 отсто, 265 отсто и 125 отсто од прединдустриските нивоа.
Зголемувањето е резултат на масовните пожари што ја зафатија вегетацијата и можното намалување на апсорпцијата на јаглеродот од шумите во текот на 2023 година во комбинација со постојано високите емисии на фосилни горива како резултат на човечката активност, велат експертите.
Билтенот, кој известува за концентрациите на стакленички гасови, а не за нивото на нивните емисии, беше објавен пред годишната конференција на ОН за климата за да служи како збир на информации за учесниците, а следниот месец во Азербејџан се одржува Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени (КОП29).
„Уште една година и уште еден рекорд. Овие податоци треба да ги алармираат носителите на одлуки“, рече генералната секретарка на СМО, Селест Сауло.
Таа додаде дека сега е сосема јасно дека светот „скршнал од вистинскиот пат“ кога станува збор за исполнувањето на целите на Парискиот договор на ОН, во кој членките се обврзаа да се обидат да го ограничат глобалното затоплување многу под 2 Целзиусови степени во споредба со прединдустриските нивоа, а конкретната цел беше да се постигне максимална граница од 1,5 °Ц над прединдустриското ниво. „Ова е повеќе од само статистика. Секое мало зголемување на температурата резултира со конкретно влијание врз нашите животи и нашата планета“, предупреди таа.
Зголемувањето на јаглерод диоксидот во атмосферата во текот на 2023 година беше поголемо од она во 2022 година, иако пониско од зголемувањето забележано три години пред тоа, велат метеоролозите.
Но сѐ додека се случуваат емисии, стакленичките гасови ќе продолжат да се акумулираат во атмосферата, што неизбежно резултира со зголемување на температурата на глобално ниво.
Со оглед на екстремно долгиот животен век на ЦО2 во атмосферата, веќе забележаните температурни нивоа ќе опстојуваат неколку децении, дури и ако се успее емисиите брзо да се намалат на нето-нула. Терминот нето-нула се однесува на рамнотежата помеѓу количеството на емитираните и отстранетите стакленички гасови во атмосферата.
Во последните 20 години, нивоата на јаглерод диоксид се зголемија за 11,4 проценти во споредба со оние забележани во 2004 година од мрежата на надзорни станици на СМО „Глобал атмосфер воч“.