Министерот Спасовски денеска на својот фејсбук-профил објави дека намалувањето на корупцијата во земјата се должи на посветената работа на институциите. Спасовски пишува дека се спроведени педесетина кривични постапки, а за 80 лица се кривично пријавени.
„Злоупотребите на службена положба со коруптивни елементи–26, несовесно работење–девет кривични дела, примање поткуп–шест, давање поткуп–четири, по едно кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело, и поттикнување во врска со злоупотреба на службена положба и овластување“, објави Спасовски.
Убаво е да се слушне ваква информација која вели дека се намалува корупцијата, вели за ТВ 24 Билјана Ивановска претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата. Но, вели Ивановска, немаме доволна потврда како е тоа пресметано. Според неа во земјава не постои политичка волја да се тргне кон сузбивање на корупцијата. Ивановска ова тврдење го поткрепува со податокот дека во 2021 институциите извршиле само 20 отсто од акцискиот план за борба против корупцијата, лани тоа ниво е намалено на само 10 отсто.
Наспроти тврдењето на Оливер Спасовски, стојат постојаните укажувањата на меѓународната заедница за високото ниво на корумпираност во Македонија. Само еден ден пред објавата на Спасовски, американската амбасадорка Анџела Агелер во интервју за ТВ Канал 5 вели дека Македонија тоне во корупција и тоа е системски проблем, најголем предизвик со кој Македонија се соочува.
„Тоа е одговорност на судството и секоја Влада и да бидеме искрени кон граѓаните, корупцијата не се случува сама од себе. Не можам само јас да бидам корумпирана. Тоа е производ на одлуки на поединци, на граѓани и официјални и лица. Искрено се надевам на вистинска промена“, вели Агелер.
Аналитичарот Џевдет Хајредини ја коментира изјавата на американската амбасадорка во Скопје Анџела Агелер дека за корупцијата во земјава не може да се обвини само една влада, бидејќи има системски проблем уште од независноста пред 31 година.
„После оваа изјава, дека ‘не можеме да обвиниме само една Влада или институција’, амбасадорката ќе треба ова да го каже и на сенатската комисија пред која, пред да дојде, вети дека приоритет ќе ѝ биде токму борбата против корупцијата. А, ние, бидејќи состојбата била таква уште пред 31 година, сигурно така ќе издржиме и наредните 31 година“, констатира Хајредини во објава на Фејсбук.
Еве како изјавата на Спасовски ја коментира и аналитичарот Иво Мицковски:
„Спасовски: Корупцијата во првите 6 месеци 2023 намалена за 22%.
Само фактот што ја кажува оваа замислена статистика процентот на корупција скока за 102,5%“.