четврток, 28 ноември 2024

Советот на Европа препорачува да се укине амнестијата за хашките случаи и во Македонија

Поранешниот македонски премиер Димитар Ковачевски на 15 јануари добил писмо од комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ во кое се препорачува да се преземат конкретни чекори за да се реши проблемот со насилното минато и поодлучно да се движи кон социјална кохезија, правда и помирување. Такви писма добиле и премиерите на земјите-членки на Советот на Европа од регионот на поранешна Југославија.

 

Објавено на

часот

Сподели

Мијатовиќ ги наведе клучните чекори што треба да се преземат кои ќе го подобрат почитувањето на правата на жртвите и ќе промовираат инклузивен пристап за справување со минатото во регионот врз основа на човековите права, се вели во соопштението на Советот на Европа.

Со допис до македонската влада Мијатовиќ бара да се поништи амнестијата за Хашките случаи и да се истражат досиејата кои беа трансферирани од Хашкиот трибунал на домашните судови.

„Да се ​​укине автентичното толкување од 2012 година на Законот за амнестија од 2002 година и да се истражат досиејата што Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија ги префрли на домашните судови“, се вели меѓу другото во препораките на Мијатовиќ.

На Ковачевски таа му препорачува и одлучно да се осудат случаите на говор на омраза и меѓуетнички насилни инциденти, а да се промовира помирување и социјална кохезија меѓу различните етнички и религиозни групи.

На 19 јули 2011 година Собранието со 63 гласа „за“ и 29 „против“ го усвои автентичното толкување на член 1 од Законот за амнестија. Според толкувањето, амнестијата се применува на сите сторители на кривични дела поврзани со конфликтот од 2001 година заклучно со 26 септември 2001 година, освен за лицата кои извршиле кривични дела поврзани со конфликтот, а против кои Меѓународниот трибунал повел постапка.

Случаите „Водство на ОНА“, „Непроштено“, „Мавровски работници“ и „Липковска брана“ беа процесуирани во Меѓународниот суд на правдата во Хаг, но во 2008 година тие беа вратени во надлежност на македонските судови.

Пред обвинителството се најде само случајот „Мавровски работници“, но во септември 2009 година Кривичниот суд ги ослободи сите обвинети за малтретирањето на мавровските работници од конфликтот во 2001 година, откако Обвинителството се откажа од гонење.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ