недела, 20 октомври 2024
Заврши големата полициска акција во Струга

Со хашиш, кокаин, марихуана, оружје… тргувале криминалците кои денес ги апсеа специјалците на МВР (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

Во координирана полициска акција, денеска е сузбиена повеќечлена организирана криминална група составена од луѓе од Струга, едно лице од Охрид и еден албански државјанин сопрестој во Струга, кои подолг временски период биле инволвирани во вршење на кривични дела од областа на недозволена трговија со дрога и оружје, соопштија од Министерството за внатрешни работи. 

Постапувајќи по наредби за претреси во дом и други простории издадени од судија на претходна постапка, извршени се претреси на вкупно 36 локации во Струга, Охрид и во затворот Шутка, при што од слобода се лишени 19 лица, додека по три лица се трага, а едно лице од претходно е во притвор заради обид за убиство во друг кривичен настан. 

„При лишувањето од слобода и при извршените претреси, на повеќе локации се пронајдени и одземени оружје, муниција од различен калибар, кокаин, марихуана, пари, патнички моторни возила, мобилни телефони и други предмети. Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ќе поднесе кривична пријава против 23 лица за кривични дела неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанции и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи. Во временскиот периодот од јануари до ноември 2023 година, В.Е. како организатор и Д.Е., Љ.Ц. и Е.П. заради неовластена продажба и пуштање во промет кокаин, марихуана, масло од марихуана и хашиш се здружиле и за таа цел купувале, држеле, пренесувале, продавале и посредувале во неовластена продажба на наркотичната дрога, кои нелегални активности во делот на продажбата ги вршеле заедно со останатите пријавени лица, кои дејствувале во групи. Исто така, во наведениот временски период заради неовластено набавување, држење и продавање на поголемо количество огнено оружје и муниција, како група се здружиле лицата Г.Т., А.Ж., Д.С., С.Т., С. Н., Е.О“, соопшти денеска портпаролот на МВР, Гоце Андреевски.

м

Според информациите на Јавното обвинителство (ЈО), уапсените продажбата ја вршеле здружени во три мрежи. 

„Првоосомничениот неовластено набавувал наркотична дрога – кокаин или марихуана од непознати лица од Албанија и набавената количина ја пренесувал и сокривал на безбедна локација на подрачјето на Општина Струга, по што дел од дрогата, наменета за брза продажба ја пренесувал во два угостителски објекти во Струга, а останатата количина спакувана во помали пакувања се продавала преку мрежите воспоставени од останатите тројца организатори“, соопштија од ЈО.

Предистрагата покажала дека продажбата на дрогата и оружјето се одвивала на ист или сличен начин.

Првоосомничениот В.Е. ги организирал и ги одобрувал продажбите, па при секоја продажба откако припадниците на групата кои имале улога на препродавачи ќе стапеле во контакт со заинтересиран купувач на дрога, го информирале организаторот на мрежата на која припаѓале и по извршената купопродажба на дрогата, парите ги предавале на организаторот, а тој на првоосомничениот В.Е. кој како награда им давал процент од постигнатата цена. Кога купувачите на дрогата, биле непознати на осомничените, се барало дозвола за продажба од првоосомничениот В.Е. Во зависност од побарувачката, кокаинот спакуван во помали паковки се продавала по цена од 60 евра до 100 евра за еден грам, 50 грама марихуана со висок квалитет по цена од 100 до 250 евра, додека масло од хашиш нелегално произведено во домашни услови се продавало по цена од 40 евра од кубик.

„Во истиот временски период, четворица осомничени, се организирале како злосторничко здружение заради неовластено набавување, држење и продавање на огнено оружје и муниција кои на граѓаните им се забранети, а во тргувањето со оружје се приклучиле уште двајца од осомничените. Еден од организаторите од непознати лица набавувал разно оружје и муниција што ги сокривал на безбедни локации на подрачјето на Општина Струга, по што останатите петмина осомничени контактирале со заинтересирани купувачи и им нуделе оружје и муниција за продажба“, соопштија од ЈО.

Од вкупно 23луѓе, 20 се осомничени дека сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанции. Од нив тројца се осомничени и за сторено кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи, за кое дело се осомничени и останатите три лица.

„Јавен обвинител од ОЈО ГОКК ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје ќе предложи определување на мерката притвор за сите осомничени лица од кои за две лица ќе предложи мерка куќен притвор“, соопштија од Јавното обвинителство.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ