вторник, 19 ноември 2024

Скопје филм студио и Арбериа дизајн за оваа власт се редовно најдобрите организатори на прослави

Објавено на

часот

Сподели

За организација прославите на четири државни празници годинава, како и настан од Отворен Балкан, Владата ќе ѝ плати околу половина милион евра на фирмата „Скопје филм студио“, пишува во договорот објавен на интернет страницата на Бирото за јавни набавки.

Оваа фирма, како единствен понудувач, го добила тендерот за организиарање на прославите за 2 Август – Илинден, 8 Септември – Денот на независноста, 11 Октомври – Денот на народното востание и 8 Декември – Ден на Св. Климент Охридски. Проектната задача е „осмислување и реализација на активности кои ќе обезбедат креативна, продукциска, техничка и организациска поддршка за реализација на настани за одбележување“. За овие четири празници тоа чини 350.000 евра, а за настан поврзан со регионалната иницијатива Отворен Балкан ќе добие уште околу 150.000 евра.

„Скопје филм студио“ ја организираше и прославата на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј за речиси 150.000 евра. Лани оваа фирма го доби тендерот од 60 илјади евра, како единствен понудувач, за услуги за креативна, продукциска, техничка и организациска поддршка за реализација на настан за одбележување на Денот на независноста на Република Северна Македонија, 8 Септември“.

Како и лани и годинава за прославите за Охридскиот договор во организација на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците на вицепремиерот Артан Груби ќе биде одговорна тетовската фирма „Арбериа дизајн“. На интернет страницата на Бирото за јавни набавки пишува дека за хотелски и угостителски услуги, како и за креатива, тетовската фирма ќе добие околу 100.000 евра. Во понудата за годинешната прослава, меѓу другото пишува дека „Арбериа дизајн“ ќе добие околу 5.000 евра за концепт за организирање на настан за 22-годишнината од Рамковниот договор, а слична сума ќе добие и за „стихотворба од реномиран поет, музички аранжман и аудиозапис на песна“ по повод годишнината. За продукција на спот за песната се предвидени околу 4.000 евра, додека за аудио-визулен спот за постигнувањата на Охридскиот договор се одвоени околу 6.000 евра.

Инаку оваа тетовска фирма редовно е прворангирана на повеќе тендери распишани од министерства и други државни институции предводени од кадрите на ДУИ. Годинава беше видливо присуството на оваа фирма на настаните за ставање камен темелник на автопатите од коридорите 8 и 10д во Тетово и Прилеп.

                                                                                                                                                               А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ