петок, 18 октомври 2024

Си Џинпинг во телевизиско обраќање призна дека кинеската економија е во неволја

Кинеските бизниси се мачат, а невработените имаат проблем да најдат работа, призна кинескиот претседател Си Џинпинг за време на својот новогодишен говор, пренесе Си-ен-ен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Ова е првпат Си да ги спомене економските предизвици во своите новогодишни пораки откако почна да ги упатува во 2013 година. Изјавата доаѓа во критично време за втората најголема светска економија, која се бори со структурно забавување обележано со слаба побарувачка, зголемена невработеност и нарушена деловна доверба.

„Некои бизниси претрпеа тешки времиња. Некои луѓе имаа потешкотии да најдат работа и да ги задоволат основните потреби“, рече Си во телевизиски говор.

„Сето ова ми е во прв план. Ќе го консолидираме и зајакнеме моментумот на економското закрепнување“, порача Си во говорот што го објавија и државните медиуми.

Неколку часа пред говорот на Си, Националното биро за статистика (НБС) ја објави својата месечна анкета за Индексот на менаџери за набавка (ПМИ), која покажа дека фабричката активност опаднала во декември на најниско ниво во последниве шест месеци.

Масивниот производствен сектор во земјата бил слаб во поголемиот дел од 2023 година. Кинеската економија се соочува со низа проблеми, вклучително и продолжен пад на недвижности, рекордно висока невработеност кај младите, тврдоглаво ниски цени и зголемен финансиски стрес на локалните власти.

Пекинг се бори да го оживее растот и да ја зајакне вработеноста откако минатата година воведе низа мерки за поддршка и вети дека ќе ја засили фискалната и монетарна политика во 2024 година. Сепак, сè поетатистичкиот пристап кон економијата, кој ја нагласува партиско-државната контрола на економските и социјалните прашања на сметка на приватниот сектор, ги плаши претприемачите.

Владината репресија врз бизнисите во име на националната безбедност исто така ги исплаши меѓународните инвеститори. Во саботата, Народната банка на Кина објави дека го одобрила барањето за отстранување на контролните акционери во Алипеј, сеприсутната платформа за дигитално плаќање, управувана од Ант Груп на Џек Ма.

Овој потег значи дека Ма официјално ја препуштил контролата на компанијата чиј соосновач е. Ма, кој е и соосновач на Алибаба груп, минатиот јануари најави дека ќе се откаже од контролата над Ант во рамки на повлекувањето од својот онлајн бизнис. Неговите компании беа на мета на пекингшкото уништивање на Биг Тех компаниите кои се сметаат за премногу моќни во очите на Комунистичката партија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ