Јахја Синвар, 61-годишниот лидер на Хамас, наводно поминал голем дел од своето време криејќи се во тунелите под Појасот Газа, заедно со телохранителите и „човечкиот штит“ од израелските заложници.
Сепак, се чини дека на крајот бил убиен во случајна средба со израелска патрола во јужниот дел на Газа. Заложниците не се пронајдени.
Многу детали за смртта на Синвар сè уште не се познати, но еве што се знае досега, пишува Би-би-си.
Израелската војска (ИДФ) соопшти дека единица од 828-та бригада Бисламах патролирала во областа Тал ал-Султан, во близина на Рафа, во средата. Тројца милитанти се идентификувани и убиени во пресметка со израелските војници.
Првично, немало индикации за особено значење на овој конфликт, па војниците не се вратиле на местото на настанот до четвртокот наутро.
А потоа, при преглед на телата, откриено е дека едно од нив има неверојатна сличност со лидерот на Хамас.
Сепак, телото останало на место поради сомневање за подметнати мини, па дел од прстот бил испратен на тестирање во Израел. Неговото тело на крајот било пронајдено и однесено во Израел подоцна истиот ден, откако областа била обезбедена.
Даниел Хагари, портпарол на ИДФ, рече дека неговите сили не знаеле дека Синвар е таму, но продолжиле со операциите.
Тој рече дека војниците идентификувале тројца мажи кои трчале од куќа до куќа, а меѓу нив бил и Синвар.
Синвар побегнал во една од зградите и бил убиен откако бил лоциран од дрон.
יושב רעול פנים ומשליך מקל על רחפן צה”לי | תיעוד רגעיו האחרונים של יחיא סינוואר@ItayBlumental pic.twitter.com/kMdoPBm8hP
— כאן חדשות (@kann_news) October 17, 2024
Израел вчера попладне за прв пат објави дека ја истражува можноста Синвар да е убиен.
Само неколку минути по таа објава, на социјалните мрежи се појавија слики од тело на маж со слични црти на лицето како Синвар, кој се здобил со тешки повреди на главата.
Сепак, официјални лица предупредија дека идентитетот на тројцата убиени во тоа време не може да биде потврден.
Набргу потоа, израелски извори потврдија дека се „сè посигурни“ дека го убиле. Беа извршени сите потребни проверки, а Израел подоцна потврди дека Синвар е елиминиран.
Eliminated: Yahya Sinwar.
— Israel Defense Forces (@IDF) October 17, 2024
Бенјамин Нетанјаху, израелскиот премиер, рече дека „на злото му е зададен тежок удар, но предупреди дека војната во Газа не е завршена“.
Убиството на Синвар беше главна цел на Израел, што го означи за елиминација веднаш по масакрот на 7 октомври. Но, неговата смрт не значи крај на војната во Газа.
Додека Нетанјаху рече дека ги подмирил сметките, тој нагласи дека војната ќе продолжи додека не бидат спасени преостанатите 101 заложник, кои сè уште ги држи Хамас.
„На семејствата на заложниците сакам да им порачам: ова е важен момент во војната. Ќе продолжиме да се бориме додека сите ваши најмили, нашите најмили не се вратат дома“.
Во Израел, семејствата на заложниците изразија надеж дека сега може да се постигне прекин на огнот за да се вратат нивните најблиски.