вторник, 26 ноември 2024

Шест години затвор за руски музичар за објави на социјалните мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Александар Бахтин (51) жител на Митишчи во близина на руската престолнина, беше уапсен во март 2023 година и обвинет за ширење „лажни информации“ за руската војска. Тоа обвинение редовно се користи во Русија за да се потиснат критиките за војната во Украина.

„Александар беше осуден на шест години затвор и три години му беше забрането да управува со веб-страници“, изјави за АФП Андреј Шчетињин, еден од неговите пријатели, кој присуствуваше на судењето.

За време на престојот во казнената колонија Бахтин ќе мора да биде подложен и на психијатриско вештачење, се вели во пресудата која ја потврди и руската невладина организација ОВД-Инфо.

Во март и април 2022 година, Бахтин објавил три пораки на руската социјална мрежа ВКонтакте, во кои ја осудува воената кампања во Украина, споменувајќи ги цивилните жртви и Владимир Путин. Обвинителството непосредно пред изрекувањето на пресудата побара осум години затвор за Бахтин.

Неговата мајка Људмила (79) по изрекувањето на пресудата почнала да плаче и ѝ се слошило во судницата, изјави Шчетињин. Судијката Марија Локтионова беше принудена накратко да го прекине рочиштето, а по објавувањето на пресудата Александар Бахтин ѝ дофрлил: „Проклета да си Локтионова!“, изјави Шчетињин за Франс прес.

Од почетокот на руската инвазија на Украина осуммина високи противници на режимот во Кремљ добија затворски казни. Илјадници анонимни луѓе беа уапсени и осудени на парични и затворски казни, затоа што ја осудуваа руската воена операција.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ