понеделник, 9 декември 2024

ДВ: Трамп станува помоќен отколку што планирале основачите на САД

Покрај победата на Доналд Трамп на изборите, републиканците ќе доминираат и во американскиот Конгрес. Иако ова не е невообичаено, експертите предупредуваат на концентрацијата на моќта. А Трамп има уште еден кец во ракавот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Следните две години би можеле да бидат добри за Соединетите Држави – барем од републиканска гледна точка. Покрај тоа што нивниот претседателски кандидат Доналд Трамп на 20 јануари ќе влезе во Белата куќа, оваа партија, која се помести надесно, на 5 ноември го освои мнозинството во американскиот Сенат, горниот дом на Конгресот, а исто така ќе го контролираат и долниот дом, Претставничкиот дом, пишува ДВ.

Таканаречената „обединета влада“ постоела 48 пати од 1857 година, кога почна системот на двопартиска доминација, каков што е денес во САД. Демократската партија имала можност да ужива во ваква влада 23 пати, а републиканците 25 пати. Во истиот период, 38 пати се случило партиите да ја поделат власта над Белата куќа и барем еден дом на Конгресот.

Меѓуизбори (избори на средина на мандатот)

Сепак, за партијата што ја држи претседателската позиција, контролата на Конгресот обично не трае долго. „Иако е вообичаено во почетокот на новиот претседателски мандат една партија да има контрола над Вашингтон, само еднаш од 1969 година таа контрола продолжила и по меѓуизборите“, пишува Кетрин Шефер за Истражувачкиот центар Пју.

Меѓуизборите се одржуваат на половина период помеѓу претседателските избори. Единствениот претседател што успеал да одржи целосна контрола четири години беше демократот Џими Картер (1977–1981), но потоа ги загуби изборите и остана на власт само еден мандат.

Претседателите се свесни дека мнозинството во целиот Конгрес често е краткотрајно, истакнува Нолан Мекарти, политиколог од Универзитетот Принстон. „Затоа мислам дека претседателот Трамп ќе се обиде брзо да спроведе некои од своите приоритети“, рече Мекарти во интервју за ДВ.

Дали Трамп може да го заобиколи процесот на одобрување на владата во Сенатот?

Системот за поделба на власта е стар колку и Уставот на САД. Основачите воспоставија систем на „контрола и рамнотежа“ (checks and balances), на кој почива поделбата на денешната извршна (претседател), законодавна (Конгрес) и судска (Врховен суд и други судови во земјата) власт.

Во почетокот на мандатот на Трамп, мнозинството во Сенатот ќе биде особено важно, бидејќи горниот дом на Конгресот мора да ги потврди сите членови на кабинетот номинирани од американскиот претседател. Републиканците ќе имаат мнозинство, но тесно – 53 спрема 47 гласа. Некои од кандидатите за кабинетот на Трамп се доста контроверзни.

Идниот претседател би сакал целосно да го заобиколи тој процес. Кога би ги назначил членовите на кабинетот додека Сенатот е на одмор, неговите кандидати би можеле да ја преземат функцијата без формално одобрение. Трамп веќе ги повика републиканските сенатори на платформата Икс да ја поддржат оваа необична акција.

„Никогаш не сме имале ситуација во толкава мера да се извршуваат вакви именувања. Повремено тоа се случува со една или две позиции, но цела влада поставена на овој начин би била причина за загриженост“, објаснува Мекарти.

Клучната улога на Врховниот суд

Идната администрација во Вашингтон има уште еден адут: Трамп за време на својот прв мандат успеа да создаде Врховен суд со силно конзервативен карактер со назначување тројца судии.

Формално, Врховниот суд на САД треба да биде непристрасен, но де факто претседателите избираат само луѓе што ги делат нивните политички ставови. Од деветте члена на судот, шестмина го поддржуваат Трамп.

Експертите, како Мекарти, веруваат дека претседателот ќе се обиде да ги спроведе своите главни ветувања административно, преку извршни наредби што не мора да поминат во Конгресот.

„Нормалниот процес на проверка за овие уредби се одвива пред судовите“, вели Мекарти. Имајќи предвид дека Врховниот суд и пониските судови претежно се составени од републиканци, „тоа ќе му олесни на Трамп да ја заобиколи судската контрола“.

„Повеќе моќ отколку што творците на Уставот можеле да замислат“

Ова може да се случи за прашања како што се масовните депортации: прашањето за законитоста на воената регрутација или промената на правата на државјанство за луѓето родени во САД. Врховниот суд би можел да одлучува за овие теми, објаснува Сара Биндер од Универзитетот Џорџ Вашингтон во интервју за ДВ.

Таа изразува загриженост дека Врховниот суд во сегашниот состав не се потпира на закони, туку често одлучува во корист на републиканците, како што беше случајот со правата за абортус или претседателскиот имунитет.

„Тоа е она што ме загрижува“, вели Биндер. „Судот би можел да го поддржи претседателот Трамп и да му дозволи на извршната власт да ѝ додели многу повеќе овластувања отколку што творците на Уставот можеле и да замислат.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ