Според тиранската „Топ чанел“, пратеничката во албанскиот парламент Дурата Чупи побарала од Високиот инспекторат за пријавување имот и судир на интереси да започне административна истрага за градоначалничката на Булќиза, Мјештри и администраторот на административната единица Острени, Љуан Мјештри, кои се брат и сестра.
„Врз основа на состојбата на незаконитост и судир на интереси во општина Булќиза, денеска побарав од Високиот инспекторат итно да започне управна истрага, за да се констатира состојбата на судир на интереси меѓу градоначалничката на Булќиза и администраторот на Острени, кого го назначила таа, а се сестра и брат, како и да преземе други казнени мерки согласно со закон“, пишува меѓу другото во барањето на Чупи.
Таа уште додава дека високите јавни функционери и особено избраните „мора да ги извршуваат своите должности со интегритет, транспарентност и одговорност во служба на јавниот интерес, а не на личните или семејните интереси”.
„Истражувачката емисија Фикс Фаре, која до сега открила низа коруптивни афери, пред неколку недели докажа колку е лесно да се купи потврда за бугарско потекло во Острени и Булќиза, без разлика од кое потекло сте. За 100.000 леки новинарите купиле две такви потврди со печат и потпишани од администраторот на Острени, Љуан Мјештри“, потсетува телевизијата.
По емисијата, полицијата ги уапси Мјештри (62) и А. Л. (33) раководител на секторот за социјалната заштита и двајцата жители на Острени, како и Фитим Бала (61) жител во Требиште, секретар на Советот на општина Булќиза, рударско гратче кое се наоѓа на албанско-македонската граница, на дваесеттина километри од Дебар.
Тројцата на итна седница на Советот беа разрешени. Дел од советниците тогаш побараа оставка и од градоначалничката Мјештри, која е од редовите на владејачката Социјалистичка партија.