„Бојкотот во услови на демократија е предупредувачки механизам, кој треба да се сфати сериозно, бидејќи во една демократска држава сѐ што може да следи по бојкотот ќе биде потешко да се проголта. Не треба да се заборави дека речиси секоја политичка криза започнала од бојкот“, вели Садики-Шаини.
На прашањето што практично значи бојкотот, таа вели:
„Сега за сега нашето отсуството од Собрание значи дека во највисокиот законодавен дом нема да има глас на албанска опозиција, а доколку на тие од власта тоа ништо не им значи, тогаш тоа е лоша вест за државата“; вели координаторката на Европскиот сојуз за промени.
Коалицијата бојкотот на парламентот го најави кон крајот на минатата година, а бидејќи во меѓувреме нема ништо ново со барањето за нивниот кандидат Абуш Демири да биде избран на пленарна седница за член на Државната изборна комисија, бојкотот и практично започна. Партиите од коалицијата сметаат дека нив, како на опозиција, им припаѓа столчето во ДИК кое го испразни Кренар Лога од Алијанса за Албанците со неговиот избор за министер за правда кога партијата на Арбен Таравари од опозиција премина во Владата. Сметаат дека неосновано Алијанса за Албанците полага право на ДИК зашто не може да биде и власт и опозиција. Но, прстот на критика се вперува кон ДУИ и собранискиот спикер, зашто од Европскиот сојуз за промени се сомневаат дека интегративците сакаат да се спасат од тежок изборен пораз и дека се подготвени на манипулации, а една од нив се „игрите“ со ДИК кога има сѐ помалку време за пленарни седници и обезбедување мнозинство при гласањето.
Садики-Шаини и директно го обвини Талат Џафери дека со разни изговори врши саботажа на изборот на член на ДИК од албанската опозиција.
„Како и да е, ние очекуваме мнозинството да рефлектира и претседателот на Собранието да закаже седница на која на дневен ред ќе се стави точката за гласење на нашиот член за ДИК, како што тоа е прецизирано во Изборниот законик. Тоа е должност на Собранието. Тука не зборуваме за добра волја, туку за правна должност“, вели Садики-Шаини.
Таа додава дека доколку се продолжи со кршење на Изборниот законик и по цена на демократијата, дека тогаш на опозициската коалиција не ѝ преостанува ништо друго, освен, како што нагласува, да се применат и други механизми, еден од нив се блокадите.
На прашањето кога тоа ќе се случи, вели:
„Сепак, ќе причекаме да видиме дали мнозинството ќе се вразуми па ќе одлучуваме за нашите идни чекори“.
Ја прашавме Садики-Шаини дали албанската опозициска коалиција останува на ставот евентуално да се блокираат избирачки места. Таа одговари потврдно.
„Ако мнозинството одлучи ДИК да остане некомплетна, односно без наш член, а тоа, тврдам, ќе има за цел манипулација со изборите, тогаш ќе бидеме принудени да го заштитиме гласот на нашите граѓани. А, таквиот епилог е можно да нѐ принуди да пристапиме кон користење на други методи. Како на пример, блокирање на избирачки места во Тетово и во Чаир“, ни изјави координаторката на пратеничката група на Европски сојуз за промени, Сафије Садики-Шаини.
Со други зборови, ако така можат да се протолкуваат зборовите на Садики-Шаини, блокадите на избопрни места можат да бидат отворена врата за нова политичка криза во Македонија.
П.Џ.