Денеска во соопштението на апликацијата за пораки Телеграм, украинските воздухопловни сили не го прецизираа точниот тип на ракетата, но рекоа дека е лансирана од рускиот регион Астрахан, кој граничи со Касписко Море.
Се вели дека интерконтинентална балистичка ракета била истрелана кон градот Днипро заедно со осум други проектили и дека украинската војска соборила шест од нив.
Момент удару російської міжконтинентальної балістичної ракети по Дніпру.
Ракета має суббоєголовки які на підльоті роздільно завдають ударів, тому на відео ви бачите кілька «прильотів».
Застосування МБР по густонаселеному місту це одночасно і акт істерики, і залякування з боку… pic.twitter.com/cP3s6pvIkJ
— Serhii Sternenko ✙ (@sternenko) November 21, 2024
Две лица се ранети како резултат на нападот, а оштетени се индустриски објект и центар за рехабилитација за лица со посебни потреби, соопштија локалните власти.
Иако дострелот на интерконтиненталната балистичка ракета (ИКБМ) се чини преголем за употреба против Украина, таквите проектили се дизајнирани да носат нуклеарни боеви глави, а употребата на некоја од нив би послужила како застрашувачки потсетник за нуклеарната способност на Русија и моќна порака за потенцијална ескалација.
Нападот доаѓа два дена откако рускиот претседател Владимир Путин ја потпиша ревидираната нуклеарна доктрина со која формално се намалува прагот за употреба на нуклеарно оружје во земјата. Украина во вторникот истрела неколку проектили со поголем дострел доставени од Америка и наводно вчера испукала „сторм шедоус“ од Обединетото Кралство на територијата на Русија.
Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека нејзините системи за противвоздушна одбрана собориле две ракети „сторм шедоус“ од британско производство, шест ракети „ХИМАРС“ и 67 беспилотни летала.
Во соопштението не е наведено кога и каде точно се случило, ниту на што целеле проектилите. Ова не е прва јавна објава на Москва за соборување на ракети „сторм шедоус“ – Русија претходно објави дека соборила неколку од нив над анектираниот полуостров Крим.
Војната меѓу Русија и Украина доби поголема меѓународна димензија со пристигнувањето на севернокорејските трупи за да ѝ помогнат на Русија на бојното поле, по што американскиот претседател Џо Бајден ѝ дозволи на Украина да истрелува американски ракети со поголем дострел во Русија. Кремљ одговори со закани дека дополнително ќе ја ескалира ситуацијата.
Путин претходно ги предупреди САД и другите сојузници во НАТО дека ако ѝ се дозволи на Украина да користи оружје со подолг дострел дадено од Западот за да се гаѓа руската територија, тоа ќе значи дека Русија и НАТО се во војна.
А новата доктрина дозволува потенцијален нуклеарен одговор од Москва дури и на конвенционален напад врз Русија од која било нација што е поддржана од нуклеарна сила.