Јапонската новинска агенција Кјодо во неделата објави дека Јапонија и Соединетите Држави имаат намера да подготват заеднички воен план за можна кризна ситуација во Тајван, кој вклучува распоредување ракети. Кјодо цитира неименувани американски и јапонски извори што велат дека според планот Американците ќе распоредат ракетни единици на островот Нансеи во југозападните јапонски префектури Кагошима и Окинава и на Филипините.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова ја обвини Јапонија дека ја ескалира ситуацијата околу Тајван за да го оправда проширувањето на воените врски со Вашингтон.
„Постојано ја предупредувавме јапонската страна дека, доколку како резултат на таквата соработка се појават американски ракети со среден дострел на јапонска територија, тоа ќе претставува реална закана за безбедноста на нашата земја и ќе бидеме принудени да ги преземеме неопходните, соодветни чекори за зајакнување на сопствената одбранбена способност“, изјави Захарова.
Таа нагласи дека со читање на ажурираната руска нуклеарна доктрина, Токио може да добие идеја за тоа какви би можеле да бидат последиците. Ажурираната верзија на нуклеарната доктрина беше објавена минатата недела, а со неа е проширена листата на сценарија во кои ќе се разгледува употребата на нуклеарно оружје.
Во понеделникот, рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков најави дека Москва ќе размисли за распоредување ракети со краток и среден дострел во Азија доколку САД распоредат такви ракети.
Запрашана за таа изјава, Захарова одби да зборува за тоа каде Русија би можела да постави такво оружје, но истакна дека половина од нејзината територија е во Азија, така што сите руски проектили што потенцијално ќе бидат распоредени источно од Урал ќе бидат во тој регион.
Таа истакна дека Москва испратила јасен сигнал до Американците и „нивните сателити“ дека Русија решително и симетрично ќе одговори на распоредувањето копнени проектили со среден и краток дострел во различни делови на светот.