„Станува збор за ситуација што постои неколку години и која едноставно ги нарушува односите не само помеѓу Бугарија и Северна Македонија, туку за жал во еден поголем дел влијае и на македонскиот пат кон Европската Унија. Она што е важно да се направи и што ќе се обидеме ние да го направиме од позиција на Делегација за односи со Северна Македонија е да ја релаксираме ситуацијата, да се обидеме со сите колеги да разговараме, бидејќи на крај е јасно дека јас не можам сега да понудам решение за билатералните проблеми што очигледно постојат и кои очигледно ги оптоваруваат билатералните односи. Мораме заедно да работиме низ еден отворен и конструктивен дијалог да дојдеме до решение, а во тој контекст европските институции, особено Европскиот парламент мора и ќе биде од корист“, вели Реслер.
Реслер е дециден дека постои комуникација со сите членови на делегацијата на Бугарија во Европскиот парламент и дека за проблемот со Бугарија наскоро ќе разговара и со претставникот на Мисијата на Македонија во ЕУ.
„Тоа се некои од нашите задачи што едноставно мораме да ги завршиме овде, но јасно е исто така и дека разликите што постојат немам илузија дека ќе успееме да ги надвладееме со магично решение. Јасно е пред сѐ дека тоа е билатерално прашање што мора да се решава помеѓу двете држави. ЕУ, според некои искуства што ги имавме досега, па и со хрватскиот пристап кон ЕУ, може да помогне, може да биде медијатор, може да биде олеснувач на таков разговор, но јасно е и дека со една парламентарна димензија можеме да се обидеме да дојде до релаксирање на таквите односи“, вели Реслер.
На прашањето на МКД.мк што ѝ оди во прилог, а што е против Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ, Реслер вели дека денес во околностите во кои функционира ЕУ, „по три години крвава руска агресија врз Украина, по енергетската и економската криза, сигурносната рамка на архитектурата на цела Европа е изменета“.
„А и поради драматично различните политички околности јасно е дека последиците од овие работи се чувствуваат не само во државите членки, туку и во регионот и Западниот Балкан. Во тој контекст Северна Македонија, а и сите други држави од Западниот Балкан мораат да го искористат тоа што им се дава, сите можности и потенцијали што им се отвораат поради таа ситуација, а тоа е пред сѐ една свест дека пристапувањето кон ЕУ не е и не може да биде некаква строга формално-правна или административна задача, туку е многу повеќе од тоа и со себе во секој случај содржи една многу важна геополитичка димензија. Мислам дека тој фактор и тоа како е во игра во корист на државата. Но, исто така е јасно дека внатре во земјата како и во другите држави од Западен Балкан мора да се одиграат уште многу важни процеси по прашање на политиката, по прашање на владеење на правото, економијата и ова се сите важни чекори кои Северна Македонија мора да ги исполни за да биде во целост подготвена за членство во Европската Унија“, вели Реслер.
Реслер верува дека во годините кои се пред нас заеднички, со продлабочена парламентарна соработка може заедно да се направи, Македонија што побрзо да биде подготвена за членство во ЕУ во смисла на економијата, но исто така и во смисла на политичка стабилност, владеење на правото и сето она што е потребно како критериуми што Македонија мора ги исполни за да влезе во Европската Унија.
Утре во Европскиот парламент треба да се гласа составот на новата Европска комисија.
Од Стразбур за МКД.мк, Искра Опетческа