Македонија утре со почеток од 20:45 часот игра со Украина квалификациски натпревар за Европското првенство.
„Мислам дека сите ја знаат Македонија која е, екипа која ја победи Италија. Ние мора да се сконцентрираме на нашата игра и да ги поправиме сите грешки што ги направивме со Германија. Македонија веќе многупати покажа дека е многу силна и не можам баш да кажам дека сме фаворити. Прво играме на гости, против силен тим и затоа не се сметаме за фаворити. Ќе мора на теренот да го покажеме тоа“, рече Ребров.
Пред неколку дена Украина одигра 3-3 на гостински терен кај Германија иако водеше со 3-1 на осум минути до крајот.
„Очекувам поинаков меч од тој во Германија, јас ја знам силата на Македонија, затоа повторувам ќе се сконцентрираме на нашата игра и очекувам – многу тежок меч. Но, спремни сме. Знам дека Елмас е лидер на Македонија, дека има низа фудбалери кои се добри со топка и ќе мора да внимаваме на нив“.
Тарас Степаненко, еден од најискусните играчи на Украина, се сеќава на мечот од Европското првенство кои го игравме против нив.
„Добро се сеќавам на тој меч на Еуро 2020, многу тврд меч на кој имавме и многу среќа, а во поголем дел од мечот бевме подобри, промашивме и пенал, но…Македонија има многу играчи од таа пресметка на Европското првенство, знаеме дека се многу квалитетен тим кој има многу добри поединци, така да мора да сме многу внимателни“, рече Степаненко.