понеделник, 21 октомври 2024

Раскол меѓу Зеленски и главниот генерал

Претседателот Володимир Зеленски ги повика Украинците да останат обединети, неколку дена откако дојде до раскол меѓу неговиот кабинет и генералниот командант на оружените сили.

Објавено на

часот

Сподели

Украинскиот претседател, кој во говорот од понеделникот кажа и дека не е вистинско време за избори, ги замоли Украинците да ја зајакнат земјата и да не дозволат да бидат фатени во внатрешните конфликти кои би можеле да ги загрозат воените напори.

„Сега секој би требало да размислува за одбрана на нашата земја. Мораме да се обединиме и да избегнеме паѓање во поделби и конфликт. Ако нема победа, нема да ја има ни земјата. Нашата победа е можна“, кажа Зеленски.

За време на викендот на виделина избија поделбите меѓу кабинетот на претседателот и неговиот главен генерал Валериј Залужни, кој состојбата на бојното поле со руските сили ја спореди со застојот во Прва светска војна.

Неколку дена подоцна Зеленски ја отфрли идејата за каков било застој во војната, а неговиот надворешнополитички советник кажа дека коментарите на Залужни за војната во интервјуто за Економист биле „многу чудни“ и дека ѝ одат од рака на Русија.

Близок соработник на Залужни беше убиен кога експлодирала граната меѓу неговите роденденски подароци, пренесе Гардијан.

„Под трагични околности, мојот помошник и близок пријател, мајорот Генадиј Частјаков, загина, на својот роденден“, објави Залужни во понеделникот на Телеграм.

Ројтерс пишува дека идејата за застој на боиштето е многу чувствителна во Лиев, кој повеќе пати порача дека се противи на какви било преговори со лидерот на Кремљ Владимир Путин чии трупи, како што инсистираат украинските власти, мора да се повлечат од целата територија на Украина.

Во друг очигледен прекин на комуникацијата, Зеленски во петокот го смени шефот на силите за специјални операции кој кажа дека за смената дознал од медиумите и дека за тоа не знаел ни Залужни, неговиот шеф.

Украина во петмесечната контраофанзива не оствари напредок на окупираните југ и исток. Исто така се поставува прашањето за одржливоста на западната воена помош и Украина стравува дека влегува во втора зима на руски воздушни напади на нејзината електромрежа.

Некои украински социолози велат дека анкетите укажуваат дека украинското општество го зафаќа помрачно расположение, при што анкетите покажуваат дека повеќето граѓани не им веруваат ни на владата ни на парламентот. Зеленски и понатаму има голема поддршка.

Тој во понеделникот кажа дека сите државни ресурси и целосното внимание на земјата се потребни за победа и дека буџетските средства треба да се насочат на одбраната, а не на поправање на улиците. Им кажа на Украинците дека „не е време“ за одржување претседателски избори, со што ги прекина повеќенеделните шпекулации дека Киев би можел да најде начин да ги одржи во март иако се забранети со воената состојба која е на сила во Украина.

Да немаше вонредна состојба, воведена кога Русија ја почна инвазијата и е продолжувана секое три месеци, изборите би требало да се одржат во март, истиот месец кога се очекува Путин да се кандидира за уште мандат во Русија и да го продолжи владеењето.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ